Mahmut Atanur
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
ЏАКАРТА (АА) - Иако во денешно време автомобилот повеќе е потреба отколку луксуз, Индонезијците се свесни за загадувањето што го предизвикуваат возилата, па така секоја недела одлучија да не ги користат автомобилите на неколку часа, пишува Anadolu Agency (AA).
Всушност, во Џакарта секоја недела помеѓу 06:00 и 11:00 часот, одредени патишта се затворени за сообраќај, а програмата ја поддржуваат околу еден милион луѓе. Во рамките на одбележувањето на „Денот без автомобили“, се организираат спортски активности, меѓу кои се возење со велосипед, пешачење и разни трки. Голем број жители уживаат во пешачењето низ подрачјата кои инаку се предвидени за автомобилите.

Властите го воведоа „Денот без автомобили“ во 2007 година, со цел намалување на загадувањето. Сепак, подоцна, активноста се претвори во програма со која населението се поттикнува на поактивно занимавање со спорт.
На улиците низ градот дозволени се одредени активности, но забранети се политичките и верските програми, како и пушењето цигари.

Освен во Џакарта, „Денот без автомобили“, повремено се организира и во градовите Бекаси, Богор, Бандунг, Бантен и Сурабаја, како и на островите на Калимантан (Борнео), Сулавеси и Суматра.
Пак Ариф, од Агенцијата за животна средина на Џакарта, за АА истакна дека вистинската цел на овие активности е да се намали загадувањето на воздухот предизвикан од возилата.
Ариф додава дека се ангажирани и многу медицински работници кои на локалното население му обезбедуваат информации за здравјето и здравиот начин на живот. Истакнува и дека луѓето кои ја загадуваат животната средина добиваат високи парични казни.

Џафар Цабит Рабани, за првпат е дел од „Денот без автомобили“.
„Луѓето овде можат слободно да се занимаваат со сите видови спортови. Поради густиот сообраќај во градот, речиси е невозможно да се вози велосипед на јавните површини“, рече Цабит Рабани.
Податоците на Светската здравствена организација (WHO) покажуваат дека прекумерното загадување на воздухот во Џакарта е предизвикано од сообраќајот.
Просечното ниво на загаденост во текот на годината во Џакарта е значително над меѓународните стандарди, а експертите предупредуваат на сериозни здравствени проблеми кај луѓето кои може да ги предизвика загадувањето.