Burak Dağ
01 Февруари 2024•Ажурирај: 02 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Џонатан Крикс, претставник на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Палестина, изјави дека децата во окупираниот Западен Брег се плашат да одат на училиште од 7 октомври, кога започнаа и израелските напади на Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Во разговор за телевизија Ал Џезира со седиште во Катар, Крикс рече дека 99 деца се убиени во окупираниот Западен Брег, каде што Израел често спроведува рации и напади од 7 октомври минатата година.
Крикс истакна дека бројката на деца убиени од страна на израелските сили на Западниот Брег од 7 октомври досега е повеќе од двојно поголема од бројката на убиени деца во истиот регион во текот на 2022 година.
Напоменувајќи дека општата ситуација во образовниот систем во окупираниот Западен Брег „е многу загрижувачка“, Крикс рече: „Она што навистина е потребно за децата да можат да одат на училиште е долгорочен прекин на огнот.“
Крикс исто така рече и дека 600 деца се повредени на окупираниот Западен Брег.
„Многу деца, особено во Џенин и Наблус, се плашат да одат на училиште“, рече Крикс.
Тој наведе дека во Газа, која е под израелска окупација и напади, образованието е прекинато за околу 62.500 ученици и дека повеќе од 300 училишни згради се оштетени или се користат како засолниште на раселеното население на Газа.
Од 7 октомври 2023 година, кога Израел ги започна нападите на Газа, дојде до зголемување на приведувањата, рациите и нападите врз Палестинците во окупираниот Западен Брег и Источен Кудс (Ерусалим).