Gözde Bayar
06 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
АНКАРА (АА) - Европската Унија (ЕУ) во одреден момент ќе мора да воведе мерки против увозот на руска нафта, па дури и гас, за да го задржи максималниот притисок врз Кремљ, изјави денеска претседателот на Советот на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мораме да направиме сѐ за да престанат овие злосторства. Ги заоструваме нашите санкции за да го задржиме максималниот притисок врз Кремљ“, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарлс Мишел, пред Парламентот на ЕУ.
„Новиот пакет вклучува забрана за увоз на јаглен. Мислам дека ќе бидат потребни и мерки за нафтата, па дури и за гасот, порано или подоцна“, додаде Мишел.
Тој рече дека Русија извршила злосторства против човештвото во украинскиот град Буча.
„Го изразуваме нашиот бес поради злосторствата против човештвото, против невините цивили во Буча и многу други градови. Уште повеќе докази дека руската бруталност против народот на Украина нема граници“, рече тој, додавајќи дека има повеќе докази за воени злосторства и егзекуции.
„Ова не е специјална операција. Тоа се воени злосторства и ние како ЕУ нема да го свртиме грбот. Ја гледаме реалноста директно во очи“, додаде тој.
Нагласувајќи дека ќе има „тешки последици за сите одговорни“, тој рече дека ќе направат сѐ за да ги изведат сторителите пред меѓународната правда.
Рускиот претседател Владимир Путин и Москва се соочуваат со уште пожестоки критики од меѓународната заедница откако Украина ги обвини руските сили за „геноцид“ и „воени злосторства“ во Буча, град во близина на главниот град Киев.
Русија ги отфрли наводите како „напад со лажни вести“, тврдејќи дека сликите од мртвите тела и снимките на убиените цивили кои предизвикаа глобален гнев се поставени откако руските сили се повлекле од градот.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Досега, според податоците на ОН, во Украина загинале најмалку 1.480 цивили, а 2.195 се повредени, но се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,24 милиони Украинци побегнале во други земји, со уште милиони внатрешно раселени.