Muhammed Shekh Yusuf,Hamdi Yıldız
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - МУХАМЕД ШЕЈХ ЈУСУФ - Тарик Рамадан, мислител, академик, писател и исламолог од египетско потекло, истакна дека Западот е фокусиран кон тоа да создаде страв од исламот и од проблемите во регионот, игнорирајќи ги успешните примери во исламскиот свет.
Рамадан, внук на Хасан ел-Бена, основач на организацијата Муслиманско братство (Ихван), во разговор за Anadolu Agency (AA) даде свои видувања околу пристапот на Западот кон исламскиот свет, зголемената исламофобија, како и за обврските на муслиманите во борбата против исламофобијата.
„Очигледно, според Западот, исламот и муслиманите треба да бидат претставени надвор од позитивните примери на демократијата. Иако има успешни примери, тие намерно не зборуваат ниту за Турција ниту за Малезија“, вели Рамадан.
Тој нагласи дека западните медиуми ги игнорираат успешните примери и позитивните работи во исламскиот свет, и се обидуваат да создадат перцепција дека проблемите во регионот се предизвикани од страна на исламот.
„Западот зборува за арапскиот свет, за диктатура, за корупција во општеството, и вели дека наводно, причина за сето ова е исламот. Моментално, ова е политиката што ја гледаме на западните медиуми“, рече Рамадан.
- „Поддржувачите на Израел ја користат исламофобијата против муслиманите“
Истакнувајќи дека постојат неколку причини за порастот на исламофобијата во последните години на Западот, Рамадан ги обвини поддржувачите на Израел кои, според него, се обидуваат да создадат страв од исламот, прикажувајќи ги муслиманите како цел.
„Моментално, присуството на муслиманите на Западот е многу јасно. Можеме секаде да ги видиме. Спротивно на тоа, постојат познати политички движења како ционистите, кои се обидуваат да создадат страв од муслиманите во САД и во Европа. Јасно е дека муслиманите се цел. Треба да знаеме дека поддржувачите на Израел во САД и во Европа ја користат исламофобијата против муслиманите“, рече тој.
- „Постои економска игра (во арапскиот свет) која служи на интересите на Западот“
Рамадан се осврна и на реториките дека Западот не дава можност да се случуваат промени во арапскиот свет во последните години. „Ова е точно. Но, најпрвин треба да зборуваме околу тоа што се случува внатре (во земјите каде што се случи Арапската пролет), треба повторно да ги разгледаме причините. Кој можеше да има корист од случувањата, и моментално, кој всушност добива од тоа? Треба да ги бараме одговорите на овие проблеми“, истакна Рамадан.
Нагласувајќи дека економската структура во арапскиот свет е под контрола на САД и Европа, Рамадан рече: „Во рамките на ставот на Западот против арапскиот свет, постои една економска игра којашто им служи на нивните интереси“.
- „Многу е важно да се употребува исламска реторика која е јасна и има самодоверба“
Рамадан се осврна и на обврските на муслиманите против зголемената исламофобија.
„Муслиманите што живеат на Запад, пред сѐ, треба точно да го разберат исламот и човековите права во заедниците во коишто се наоѓаат. Со цел да се реализира оваа цел, потребно е активно учествуво на универзитетите, во академската средина, во општеството и во здруженијата што работат на теренот“, истакна Рамадан, и додаде: „Многу е важно присуството на исламот на Запад, да се употребува исламска реторика која е јасна и со самодоверба. Од еден пример кој е претставен на овој начин, можат да имаат корист и западните заедници“.
Тој укажа на важноста на граѓанското општество на Западот во борбата против исламофобијата.
„Сега, покрај медиумските кампањи за заплашување против исламот, забележуваме дека во општествата постои една промена во насока на разбирање на присуството на исламот и муслиманите“, смета Рамадан.
Исто така, Рамадан се осврна и на важноста да се биде активен во општеството: „Затоа, треба повеќе да учествуваме во сите медиумски мрежи во Западот, вклучувајќи ги и алтернативните медиуми“.
Овој академик потсети дека постои и едно умерено движење во западните заедници.
„Но, покрај сѐ, треба да бидеме активни на теренот, и да бидеме глас што ќе се чуе“, додаде Тарик Рамадан во разговорот за АА.
Педесет и петгодишниот Тарик Рамадан е роден во 1962 година, во швајцарскиот град Женева. Моментално работи како професор на Институтот за ориентални студии, при Универзитетот Оксфорд.