Peter Kenny
19 Јуни 2024•Ажурирај: 20 Јуни 2024
ЖЕНЕВА (АА) - „Во врска со израелските воени операции и напади врз Газа од 7 октомври, заклучуваме дека израелските власти се одговорни за воени злосторства, злосторства против човештвото и за кршење на меѓународното хуманитарно право и законите за човекови права“, изјави денес Нави Пилај, претседателка на Истражната комисија на Обединетите нации за окупираната палестинска територија, вклучително и Источен Ал-Кудс (Ерусалим) и Израел, јавува Анадолу.
Пилај, судијка од Јужноафриканската Република и поранешна комесарка за човекови права на ОН, истакна дека нејзиниот извештај ќе му биде претставен на Генералното собрание на ОН во октомври.
Во врска со воените операции и нападите на Израел во Газа од 7 октомври, Пилај нагласи дека комисијата заклучила дека израелските власти се одговорни за воени злосторства, злосторства против човештвото и за кршење на меѓународното хуманитарно право и законите за човекови права.
„Тие вклучуваат истребување, намерно таргетирање на цивили и цивилни објекти, убиства или намерно убивање, примена на гладување како метод на војна, присилно преместување, родово засновано прогонство насочено кон палестинските мажи и момчиња, сексуално и родово насилство што се сведува на измачување и сурово или нечовечно постапување“, истакна Пилај.
Говорејќи за извештајот претставен пред Советот за човекови права, Пилај рече дека светот се соочува со најголема закана од неказнивост за кршење на меѓународното право, освен ако сторителите не бидат повикани на одговорност и не се спроведе правда за сите жртви.
„Нападот на 7 октомври во Израел и последната израелска воена операција во Газа не се случија во вакуум. Им претходеа децениско насилство и одмазда, одземање имот, незаконска окупација и одземање на правото на Палестинците за самоопределување“, нагласи Пилај.
Како што рече таа, од 7 октомври, кога напаѓачите од Газа започнаа со напад врз Израел, во осум месеци од израелските напади врз блокираната енклава убиени и ранети се десетици илјади деца, жени и мажи.
Независната меѓународна истражна комисија на ОН наведе дека Израел во Појасот Газа убил и во инвалиди претворил илјадници деца.
Комисијата спроведе две паралелни истраги: првата за нападите на Хамас и другите палестински вооружени групи врз Израел на 7 и 8 октомври, а втората за израелските воени операции и напади врз Појасот Газа во периодот од 7 октомври до 31 декември минатата година.
„Илјадници Палестинци се приведени и држени без комуникација, а 120 израелски заложници сѐ уште се држат во Газа“, рече Пилај.
Таа нагласи дека станува збор за огромна трагедија и дека се „длабоко вознемирени од огромното човечко страдање“.
Таа рече и дека меѓународното право има строги и јасни прописи за водење војна и самоодбрана.
Еден од неговите основни принципи, истакнат од Комисијата, е дека незаконското дејствување на едната страна во вооружениот конфликт не го оправдува незаконското дејствување на другата страна.
„Израел има право да ги заштити своите граѓани од насилството на палестинските вооружени групи, но правејќи го тоа мора да го почитува меѓународното право“, рече Пилај и додаде:
„Хамас и палестинските вооружени групи, исто така, мора да го почитуваат меѓународното право.“
Комисијата утврди дека огромниот број цивилни жртви во Газа и опсежното уништување на цивилните објекти и инфраструктурата се неизбежен резултат на намерна стратегија за нанесување максимална штета.
Комесарката на ОН рече дека се занемарени законските обврски за дистинкција, пропорционалност и адекватни мерки на претпазливост.
„Израел, исто така, насилно го пренесе речиси целото население во мали оградени населби што се небезбедни и непогодни за живеење“, рече Пилај и продолжи:
„Намерната употреба на тешко вооружување со голем деструктивен капацитет во густо населени подрачја претставува намерен и директен напад врз цивилното население.“