Mustafa Deveci
12 Јуни 2024•Ажурирај: 13 Јуни 2024
АНКАРА (АА) - Висок израелски претставник синоќа истакна дека Хамас го отфрлил предлогот за прекин на огнот јавно претставен од американскиот претседател Џо Бајден, објавија израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека израелската администрација го добила одговорот на палестинската група за предлогот преку посредници.
Претставникот тврди дека Хамас ги сменил „сите главни и најзначајни параметри“ на нацртот понуден од Бајден.
Соединетите Американски Држави (САД) го добија официјалниот одговор на Хамас на предлогот за прекин на огнот и го оценуваат, соопшти синоќа Белата куќа.
Во понеделникот, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција за поддршка на предлогот за прекин на огнот во Газа, пренесен од Бајден.
На 31 мај, Бајден изјави дека Израел претставил договор од три фази со кој ќе се стави крај на непријателствата во Газа и ќе се обезбеди ослободување на заложниците кои се држат во крајбрежната енклава. Планот вклучува прекин на огнот, размена на заложници и затвореници и обнова на Газа.
Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Оттогаш во Газа се загинати речиси 37.200 Палестинци, повеќето жени и деца, а повеќе од 84.800 се повредени, според здравствените власти во Газа.
Осум месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му наложи веднаш да ја прекине својата операција во јужниот град Рафа, каде над милион Палестинци побараа засолниште од војната пред копнената офанзива врз градот на 6 мај.