Bayram Altuğ
07 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) предупредија дека животот на стотици илјади цивили во северниот дел на Хама и јужниот дел на Идлиб, Сирија, се во опасност по интензивните напади започнати на 29 април од страна на Башар ал Асад и неговите поддржувачи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на високиот комесар на ОН за човекови права (OHCHR), Равина Шамдасани, на прес-конференцијата одржана во канцеларијата на ОН во Женева, рече:
„Доверливите информации велат дека Владата [режимот] и сојузничките сили ги интензивирале нападите во јужниот дел на Идлиб и северниот дел на Хама кои се наоѓаат во зоната за намалување на тензиите во Идлиб.“
Портпаролката Шамдасани истакна дека на нападите на режимот и неговите поддржувачи може да се одговори од страна на Тахрир ел-Шам, а тоа пак ќе ги зголеми насилствата во регионот и ќе ги натера луѓето да се иселуваат од своите места.
Шамдасани, истакнувајќи дека цивилите се најмногу погодени од насилствата, наведе дека Канцеларијата за човекови права на ОН, врз основа на информациите што ги има добиено, соопшти дека од 29 април до денес убиени се 27 цивили, а дека се повредени 31 цивил.
- Повик до режимот да се усогласи со „меѓународното право“
Шамдасани, подвлекувајќи дека поголемиот број цивили кои ги загубија своите животи се состојат од жени и деца, рече дека воздушните напади, особено врз училиштата и болниците каде што се наоѓаат цивили, предизвикуваат сериозни оштетувања.
„Загрижени сме од тоа дека животите на илјадници раселени лица се ставени во сериозна опасност од нападите извршени во северниот дел на Хама и јужниот дел на Идлиб, Сирија, кои започнаа од 29 април и продолжуваат до денес“, нагласи Шамдасани.
Равина Шамдасани упати повик до страните да се придржуваат кон меѓународното право за човекови права, да ги почитуваат принципите на пропорционалност и да ги заштитат цивилните објекти и цивилната инфраструктура.
- Бројот на цивили што ги загубија животите е поголем
Најмалку 71 цивил ги загубија своите животи во нападите врз цивилните населби во рамките на зоната за намалување на тензиите во Идлиб.
Во извештајот на Сириската мрежа за човекови права за месец април се соопштува дека во нападите од страна на режимот на Асад животот го загубиле 127 цивили, а од воздушните напади на Русија загинале 13 цивили.
Силите на режимот, и покрај Договорот меѓу Русија и Турција за прекин на огнот, потпишан на 17 септември 2018 година во Сочи, продолжуваат со нападите. Во рамките на Договорот, Русија, која е гарант на режимот на Асад, има обврска да ги спречува нападите на Асад.