Ahmad Adil, Riyaz Khaliq Khaliq
11 Септември 2026•Ажурирано: 11 Септември 2026
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес пристигна во Индија за да присуствува на самитот на блокот БРИКС што се одржува викендов, во услови на тековниот конфликт меѓу САД и Иран, јавува Анадолу.
Пезешкијан е еден од неколкуте странски високи претставници што пристигнаа во индискиот главен град Њу Делхи за да им се придружат на другите лидери на самитот.
Ова е втора странска посета на Пезешкијан откако САД и Израел започнаа со напади врз Иран кон крајот на февруари. Претходно, во јуни, тој го посети Пакистан.
Според индиското Министерство за надворешни работи, предвидено е Пезешкијан вечерва да разговара со индискиот премиер Нарендра Моди.
Посетата се одвива и во услови на зголемени тензии на море меѓу Иран и САД во и околу Ормускиот Теснец и Оманскиот Залив.
БРИКС ќе ги собере лидерите од Азија, Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка.
Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Њу Делхи рано утрово, а пристигнувањето на кинескиот претседател Си Ѓинпинг е закажано за утре, што ќе биде негова прва посета на Индија по седум години.
Се очекува Путин и Моди да одржат билатерални разговори во текот на денот, а Пекинг соопшти дека двете страни „организираат билатерална средба“ меѓу Си и индискиот премиер.
Се очекува да присуствуваат дури 26 лидери и високи претставници, вклучително и египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, малезискиот премиер Анвар Ибрахим и саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан.
Проширениот состав на БРИКС ги вклучува долгогодишните членки Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканска Република, како и поновите членки Египет, Етиопија, Индонезија, Иран, Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати.
Групата има и партнерски земји, меѓу кои се Белорусија, Боливија, Казахстан, Куба, Малезија, Нигерија, Тајланд, Уганда, Узбекистан и Виетнам.
Последниот самит на БРИКС се одржа во Бразил минатата година, а Кина треба да биде домаќин на собирот во 2027 година.