Michael Hernandez
17 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Обединетите нации (ОН) денеска ја ставија Мјанмарската војска на црната листа на осомничени групи за сексуална злоупотреба, јавува Anadolu Agency (AA).
„Широко распространетите закани и практика на сексуална злоупотреба, станаа нивна стратегија за тероризирање, понижување и колективно казнување на малцинската заедница Рохинџа, а сè со цел принудување на иселување и спречување на нивно враќање“, се вели во соопштението на ОН.
Во соопштението се наведува дека насилството на Мјанмарската војска над муслиманското малцинство Рохинџа е поврзано со популарниот наратив дека високиот наталитет на оваа популација претставува закана за опстанокот на мнозинската будистичка популација.
Делегација на Советот за безбедност на ОН (СБОН), кон крајот на месецот ќе ги посети Бангладеш и Мјанмар, за да ја согледаат актуелната ситуација во врска со насилството и кризата со која се соочува заедницата Рохинџа. Делегацијата ќе ја сочинуваат амбасадори од сите 15 членки на СБОН.
Араканските муслимани веќе со години се најзагрозена етничка заедница во светот, а од минатата година се соочуваат со нов бран насилство во мјанмарскаскиот регион Аракан.
Под изговор за борба против милитантните групи, Мјанмарската војска урна неколку стотини муслимански села, од кои најмалку 750.000 жители биле приморани да избегаат во соседен Бангладеш.
Според официјалните податоци, во Аракан во 70-тите години од минатиот век живееле околу два милиони муслимани, а во моментов во тој регион има помалку од 300.000.
Обединетите нации и другите меѓународни организации, предупредуваат дека насилството над араканските муслимани има елементи на етничко чистење, па дури и елементи на геноцид.