Etem Geylan
24 Јануари 2019•Ажурирај: 25 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Членот на Парламентарното собрание на Европскиот совет (ЕС), а воедно и пратеник на АК Партијата од Газиантеп, Али Шахин, истакна дека слободата на медиумите не може да биде безбедна област за злоупотреба за криминалните и терористичките организации, како и за сепаратистички и екстремистички субјекти, и дека не може да се заканува на единството на земјите во име на слободата на медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
На редовната седница за 2019 година на Парламентарното собрание на Европскиот совет во Стразбур, Шахин говореше за извештајот насловен „Слобода на медиумите и демократски избори“, и нагласи дека слободата на медиумите е една од основните алатки на демократијата.
Според Шахин, слободата на медиумите значи слобода на изразување, но, како што рече тој, со интернетот променета е и дефиницијата на медиумите, и платформите како Твитер, Јутјуб, Фејсбук и Инстаграм добија повеќе важност од професионалните медиумски алатки како весникот, списанието и телевизијата.
„Ако веруваме во демократијата, слободата на изразување и владеењето на правото, не треба да заборавиме дека слободата на медиумите не може да биде доведена во прашање“, рече Шахин, додавајќи дека прашањето на слобода на медиумите во последните години свесно се злоупотребува од страна на криминални и терористички организации, и дека таа се користи како штит.
Шахин рече дека слободата на медиумите не може да биде безбедна област на злоупотреба за криминалните и терористичките организации, како и за сепаратистички и екстремистички субјекти, и дека не може да се заканува на единството на земјите во име на слободата на медиумите.
Шахин нагласи дека особено социјалните мрежи се злоупотребуваат од страна на злонамерните лица кои се против демократијата.
„Еден новинар, во име на слободата на медиумите не може да убива човек, не може да го поддржува тероризмот, не може да ги открива државните тајни, не може да биде дел на еден антидемократски воен државен удар, не може да врши државен удар. Ако еден новинар врши вакви злосторства, тој не може да биде новинар, не можеме да го сметаме за новинар. Во Турција не постои ниту еден новинар кој е притворен поради слобода на медиуми или слобода на изразување", додаде тој.
Шахин истакна дека социјалните медиуми се претвораат во простор на терористичка пропаганда и на дискредитирање на избраните влади, и се злоупотребуваат од страна на екстремистички и антидемократски субјекти и подмолните терористички организации. Според него, постои обид да се создаде еден простор на сомнеж, несигурност и конфузија кои се алармантни закани со кои светот се соочува денес, и со тоа да се интервенира врз изборите преку дигиталните и социјалните медиуми.
Шахин рече дека обврска на секого е да се зачува и зајакнува слободата на медиумите, и да се спречи манипулацијата на изборите во некоја друга земја преку алатките на социјалните мрежи и алатките за масовна комуникација од страна на странските сили.
„Треба да развиеме механизми, со цел да се спречи социјалните медиуми и сите медиумски алатки да бидат злоупотребувани од страна на терористички организации, сепаратисти, екстремисти и деструктивни реторики на омраза“, додаде Шахин.