Esat Fırat
23 Февруари 2021•Ажурирај: 24 Февруари 2021
ЕРУСАЛИМ
Администрацијата на исламските фондации во Ерусалим соопшти дека „Месџид ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим оваа година ќе биде отворен за клањање во месец Рамазан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шејх Азам ал-Хатиб, претседател на Администрацијата на исламски фондации на Кудс, која потпаѓа под Министерството за исламски прашања и фондации на Јордан, во писменото соопштение го истакна ставот за месец Рамазан, што ќе започне кон средината на април.
Наведувајќи дека „Месџид ал Акса“ ќе биде отворен за клањање во текот на месецот Рамазан, Хатиб истакна дека Администрацијата на исламските фондации на Кудс е подготвена да ги преземе сите мерки против епидемијата од коронавирусот.
Администрацијата на исламските фондации на Кудс минатата година го затвори „Харем-и Шериф“ за клањање поради епидемијата од Ковид-19.
Секоја година во текот на месецот Рамазан просечно 10.000 муслимани клањаат во „Харем-и Шериф“, а во петоците оваа бројка се искачува до 150.000.
Иако има делумно намалување на бројот на случаи со почетокот на процесот на вакцинација против Ковид-19, епидемијата продолжува да се шири во арапските градови и градовите во Источен Ерусалим и Израел.
Израелските власти воведуваат строги ограничувања за пристигнувањето на Палестинците што живеат во окупираниот Западен брег и Појасот Газа во „Месџид ал Акса“.