Ekip
23 Февруари 2021•Ажурирај: 24 Февруари 2021
БРИСЕЛ
Европската комисија повторно ќе ги потсети државите членки на ЕУ да не ги затвораат границите во Унијата, изјави денес европскиот комесар за правда, Дидиер Рејндерс, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Комисијата сака да ги потсети земјите членки на ЕУ на неопходноста од координиран пристап до сите мерки преземени со цел слобода на движењето на луѓе и стоки“, објасни тој во видеопорака објавена на социјалните мрежи пред виртуелниот состанок на министрите на ЕУ.
- Упатена молба до шест земји
Се очекува министрите да дискутираат за одговорот на ЕУ во борбата против коронавирусот, вклучувајќи го и затворањето на границите, но и вакцинацијата, а со цел подготовка за виртуелниот самит на членките на ЕУ закажан за четврток.
„Извршното тело на ЕУ упати писмо во кое на шест земји на ЕУ им е упатена молба да се вратат на усогласените препораки во врска со патувањата“, додаде Рејндерс.
„Германија, Белгија, Шведска, Финска, Данска и Унгарија добија писма“, изјави портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд.
„Рестриктивните мерки отидоа предалеку. Можеби би било прифатливо да не се препорачуваат патувања, но не и тие да се забрануваат од една земја членка во друга“, наведе Рејндерс.
Германија на 14 февруари ги затвори границите за Чешка и регионот Тирол во Австрија за да го спречи ширењето на новата варијанта на вирусот, а дозволено е само враќање на државјаните на Германија и неопходните работници.
Таквата одлука предизвика негодување кај прекуграничните работници кои со тоа се оневозможени да се враќаат дома секој ден.
- Сертификати за вакцинација
„Многу е важно заеднички да работиме на дигиталниот сертификат. Ќе видиме наредните месеци дали постои начин тие сертификати да ги олеснат патувањата“, изјави Рејндерс.
Меѓутоа, тој изјави и дека Европската комисија не сака сертификатите за вакцинација да бидат задолжителни за патувањата и дека треба да се остави можноста за тестирање и карантин за оние што не ја примиле или не сакаат да ја примат вакцината против коронавирусот.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, во јануари предложи сертификат за вакцинација во ЕУ, како обид да ја спаси претстојната туристичка сезона.