Ekipa
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
КАИРО (АА) - Поддржувачите на поранешниот демократски избран египетски претседател, Мухамед Морси, ги обвинија безбедносните сили за негово убиство, пишува весникот „Индепендент“ („The Independent“), пренесува Anadolu Agency (AA).
Морси почина откако западна во кома во судницата.
Абдул ал Хадад, на чиј татко и брат им било судено заедно со Морси, изјави дека безбедносните сили го оставиле поранешниот египетски претседател да лежи така паднат на подот повеќе од 20 минути.
„Тој беше оставен да лежи некое време додека чуварите не го извадија“, изјави Ал Хадад за весникот „Индепендент“ („The Independent“).
Тој рече дека безбедносните сили не успеале да ги преземат потребните мерки за да му обезбедат прва помош на Морси.
„Брзата помош пристигна по 30 минути“, рече тој и додаде: „Другите притвореници беа првите што забележаа дека тој се онесвестил и почнаа да викаат. Некои од нив, кои беа лекари, ги прашаа чуварите да им дозволат да му помогнат и да му дадат прва помош“.
Египетскиот јавен обвинител претходно изјави дека 67-годишниот лидер бил итно пренесен во болница, каде што бил прогласен за мртов.
Вчера турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, присуствуваше на погребната молитва во отсуство за Морси, при што изрази сомнеж во врска со неговата смрт.
„Без оглед дали се работи за смрт во нормални околности или имало други елементи, ова беше сомнително“, рече Ердоган по погребната молитва во џамијата „Фатих“ во Истанбул. „Лично, не верувам дека тоа е смрт во нормални околности“, додаде тој.
Обединетите нации (ОН), исто така, повикаа на започнување независна истрага во врска со смртта на Морси.
Како одговор на тоа, Каиро упати критики поради сооштението на ОН, велејќи дека тоа било обид да се „политизира природната смрт на Морси.
Египетското Министерство за надворешни работи истакна дека соопштението што го објавил портпаролот на Високиот комесар за човекови права ќе се разгледа на највисоко ниво, наведувајќи ги како причина „недовербата“ и „интегритетот“.
Морси стана првиот претседател во историјата на Египет избран по демократски пат во 2012 година.
На 3 јули 2013 година Морси беше соборен со воен удар од страна на тогашниот министер за одбрана, Абдулфетах ел Сиси, кој подоцна стана претседател.