Melike Pala
28 Октомври 2025•Ажурирај: 29 Октомври 2025
БРИСЕЛ (AA) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската Унија нема да толерира навлегување во нејзиниот воздушен простор или територија, нагласувајќи ја посветеноста на блокот за зајакнување на одбранбената подготвеност, јавува Анадолу.
„Ова е провокација. Ова е хибридна закана што не може да ја толерираме“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата по Самитот на Нордискиот совет во Стокхолм, повикувајќи се на неодамнешните прекршувања на воздушниот простор на ЕУ.
„Нема да дозволиме никакво навлегување во нашиот воздушен простор или територија и затоа изработката на оваа мапа на патот за подготвеност е од клучно значење“, додаде таа, осврнувајќи се на тековните иницијативи на ЕУ, меѓу кои и проектите „Надзор од источниот бок“ и „Ѕидот од дронови“.
Осврнувајќи се на Украина, Фон дер Лајен ја потврди долгорочната поддршка на Унијата за Киев, вклучувајќи предлог замрзнатите руски средства да се користат за покривање на финансиските потреби на Украина до 2027 година.
„Предлогот е да се искористат овие парични средства за заем на Украина што таа би го вратила доколку Русија плати репарации. Тоа е правно издржан, иако сложен предлог. Но основната порака до Русија е јасна - ние сме подготвени за долга борба и ќе ги покриеме финансиските потреби на Украина“, изјави таа.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој беше домаќин на самитот, рече дека нордиските земји преземаат „целосна одговорност за сопствената безбедност“.
„Денес ја потврдивме нашата амбиција да станеме најинтегриран регион во светот до 2030 година“, додаде Кристерсон.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, предупреди дека Европа се соочува со „најголема закана од Втората светска војна наваму“, обвинувајќи ја Русија дека се обидува „да ги подели и ослаби европските општества“.
„Но тие треба да знаат дека никогаш нема да успеат“, рече Фредериксен.
„Мора да продолжиме со силната поддршка за Украина затоа што таа е прва линија на одбраната на Европската Унија и целиот наш континент.“
На самитот присуствуваа и премиерите на Финска, Петери Орпо, на Норвешка, Јонас Гар Сторе и премиерката на Аланд, Катрин Шогрен. Лидерите се фокусираа на заедничките напори за безбедност, одбрана и конкурентност во регионот.