Anees Suheil Barghouti
24 Април 2018•Ажурирај: 25 Април 2018
РАМАЛА (АА) - Палестинските власти денес потврдија дека ќе одбијат какви било планови за воспоставување на палестинска држава без Ерусалим (Кудс) како нејзин главен град, јавува Anadolu Agency (AA).
„Секој обид за промовирање сомнителни идеи од која било страна и под какви било нејасни пароли и бескрајни позции, нема да има вредност или корист“, изјави портпаролот на палестинските власти, Набил Абу Рудеин, во соопштение цитирано од страна на официјалната Новинска агенција „Вафа“ (Wafa).
„На оние кои се обидуваат да ја надмудрат арапската мировна иницијатива и резолуциите за меѓународна легитимност, предлагајќи нејасни предлози или пароли, им велиме дека нивните обиди ќе бидат осудени на неуспех“, рече тој.
„Ниту еден Палестинец или Арап нема да го прифати тоа“, нагласи портпаролот.
„Нема да постои решение, без воспоставување на независна Палестина со Источен Ерусалим како нејзин главен град на границите од 1967 година и со правично решение за прашањето на бегалците“, изјави Абу Рудеин.
Портпаролот, сепак, не ги разјасни причините за издавање на соопштението.
Официјален извор во палестинската власт, сепак, за АА изјави дека некои земји им предложиле да ги прифатат американските идеи за решавање на палестинско-израелскиот конфликт.
„Идеите не го вклучуваат Источен Ерусалим како иден главен град“, вели изворот, кој зборуваше под услов да остане анонимен.
Ерусалим останува во сржта на трајниот конфликт меѓу Израел и Палестина, бидејќи Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим, кој е окупиран од страна на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.
Светиот град го привлече вниманието на светот во декември минатата година, кога американскиот претседател Доналд Трамп официјално го призна Ерусалим за главен град на Израел, при што, ваквата одлука предизвика бунт во светот и протести на палестинските територии.