Melike Pala
27 Мај 2026•Ажурирано: 27 Мај 2026
Речиси секој трет барател на азил во Белгија во моментов чека повеќе од две години за да се одлучи за поднесеното барање, пренесуваат денес локалните медиуми, повикувајќи се на новите податоци што ги нагласуваат сè поголемите доцнења во азилниот систем на земјата, пренесува Анадолу.
Според дневниот весник на холандски јазик „Хет Ниусблад“, барателите на азил, во просек, чекаат повеќе од 17 месеци (533 дена) пред да се донесе одлука за нивните случаи.
Прелиминарните податоци што ги опфаќаат првите три месеци од оваа година покажуваат дека 30 отсто од апликантите што добиле одлука чекале најмалку две години.
Податоците укажуваат на поголем тренд на сè подолги процедури за азил. Во 2024 година процесот, просечно, се финализирал за 430 дена.
Мати Вандемале од фламанската Зелена партија изјави дека доцнењата се поврзани со недостигот на кадар во Канцеларијата за имиграција, која е одговорна за првична проверка на барањата, како и во Генералниот комесаријат за бегалци и лица без државјанство, кој донесува конечни одлуки.
Двете агенции соопштија дека недостигот на кадар е решен, иако сè уште останува значителен број нерешени предмети.
Во јануари во двете институции сè уште беа во процес десетици илјади нерешени предмети.
Министерката за азил и миграција Анелин ван Босуит соопшти дека Владата инвестира во службите за азил, со цел да ги забрза процедурите, да го намали времето за прием и да обезбеди долгорочни структурни заштеди.
Според Европскиот пакт за миграција, кој треба да стапи на сила на 12 јуни, процедурите за азил, во принцип, би требало да се завршат во рок од шест месеци.