Diyar Güldoğan
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денес изјави дека Русија нема да ѝ го врати Крим на Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нема да ги вратиме нашите територии. Крим е територија на Руската Федерација“, изјави Захарова на прес-конференцијата во Москва, ден откако САД побара од Русија да ѝ го врати Крим на Украина.
Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, на вчерашниот дневен брифинг изјави дека претседателот Доналд Трамп појаснил многу добро дека очекува од руската Влада да го намали насилството во Украина и да го врати Крим.
„Во исто време, Трамп целосно очекува и сака да биде во можност да се сложува со Русија“, рече тој.
Претседателот на Комитетот за меѓународни работи на руската Дума, Леонид Слуцкиј, денес изјави дека забелешките на Вашингтон се алармантни.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков за новинарите изјави дека претседателот Владимир Путин нема телефонски да разговара со Трамп во врска со прашањето за Крим, објави денес руската новинска агенција ТАСС.
„Во поглед на враќањето на Крим, оваа тема нема да се дискутира, затоа што не може да се дискутира. Русија нема да дискутира во врска со нејзините територијални прашања со странските партнери“, изјави Песков.
Откако беше избран за претседател на САД, Трамп за првпат телефонски разговараше со Путин на 28 јануари.
Источниот дел на Украина е зафатен со судири уште од март 2014 година, по руската анексија на Крим, откако претходно се одржа незаконско гласање за независност.
Ова беше проследено со насилни антивладини протести, кои доведоа до соборување на тогашниот претседател Виктор Јанукович.
Генералното собрание на ОН гласаше за прогласување на руската анексија за незаконска.
Заедно со многу земји, САД, ЕУ и Турција исто така не го признаваат Крим за руска територија.