Elena Teslova
15 Јануари 2026•Ажурирај: 16 Јануари 2026
МОСКВА (АА) – Руското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека одлучило да протера вработен во Амбасадата на Обединетото Кралство во Москва, поради неговата наводна поврзаност со британските разузнавачки служби, јавува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека заменик-шефицата на британската дипломатска мисија во Русија, Данае Долакија, била повикана во Министерството, за да ѝ се изрази протест, во врска со, како што се наведува, добиените информации од надлежните руски органи за поврзаноста на еден член на дипломатскиот персонал со британските разузнавачки служби.
„На 15 јануари вршителката на должност на Обединетото Кралство во Русија, Д. Долакија, беше повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, каде што беше изразен остар протест во врска со информациите добиени од руските надлежни органи за поврзаноста на еден од дипломатските службеници на амбасадата со британските разузнавачки служби“, соопшти Министерството.
Министерството додаде дека споменатиот вработен мора да ја напушти територијата на Русија во рок од две недели.
„Данае Долакија беше информирана дека, земајќи го ова предвид и во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, акредитацијата на ова лице се поништува“, соопшти Министерството.
Руското МНР повтори дека Москва „нема да ги толерира активностите на непријавени британски разузнавачки офицери на територијата на Русија“ и нагласи дека „цврстиот став на Русија по ова прашање ќе продолжи да се спроведува во согласност со интересите на националната безбедност на земјата“.
Наедно се предупредува дека доколку Лондон ја ескалира ситуацијата, Москва ќе одговори со „цврста реципрочна мерка“.
ФСБ наведе дека врз основа на откриените факти Министерството за надворешни работи на Русија, во координација со надлежните институции, одлучило да ја поништи акредитацијата на Дејвис Гарет Самуел и да му наложи да ја напушти земјата во рок од две недели.
„ФСБ на Русија ќе продолжи да се спротивставува на активностите на странските разузнавачки служби со сите расположливи средства“, се нагласува во соопштението.
Безбедносната служба, исто така, објави фотографија од споменатиот британски вработен.