Zuhal Demirci
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
АНКАРА (АА) – Регионалниот координатор на Обединетите нации (ОН) за сириската криза, Кевин Кенеди нагласи дека благодарение на напорите на Турција, повеќе организации во рамките на ОН и различни невладини организации имаа можност да ја достават својата помош за Сиријците погодени од граѓанската војна. „Напорите на турската Влада им го спасија животот на десетици илјади Сиријци во Турција и надвор од границата“.
Кенеди за Аnadolu Аgency (AA) зборуваше во врска со напорите на турската Влада од 2011 година, кога започна сириската криза, за да се достави хуманитарната помош од националните, како и од меѓународните организации до лицата на кои им е потребна, и во врска со формирањето безбедна зона во Сирија.
Тој ги цени напорите што Турција ги вложи за помошта да стигне до луѓето погодени од граѓанската војна во Сирија, и истакна: „Напорите на турската Влада им го спасија животот на десетици илјади Сиријци во Турција и надвор од границата. Без поддршката на Турција, ќе се соочевме со многу тешкотии во однос доставувањето на помошта“.
Кенеди истакна дека повеќе организации во рамките на ОН и различни невладини организации дејствуваат во Газиантеп. Тој вели дека хуманитарните активности се спровеле полесно благодарение на успешната соработка на турската Влада.
Во врска со формирањето безбедна зона во Сирија, Кенеди истакна дека тие претходно наишле на повеќе идеи за ова прашање, и дека секој има различна дефиниција за „безбедна зона“.
„Регионите дефинирани како безбедни зони ќе бидат корисни тогаш кога нема да им биде дозволен прелетот на воените авиони, кога ќе се гарантира дека овие региони нема да бидат бомбардирани и кога ќе им се овозможи на невладините организации лесно да дејствуваат. Можеме да ја искористиме секоја можност за испраќање помош и за пристап до овие региони, но прашањето за безбедна зона е комплексно прашање. Тоа треба да се разгледа детално, од сите аспекти, пред да се спроведе“, додава Кенеди.
Тој истакна дека турскиот народ и турската Влада покажале извонредна гостопримливост и хуманост кон сириските бегалци откако започна сириската криза.
„Турција засолнува 3 милиони бегалци, и ова е значително голема бројка. Благодарни сме на турската Влада и на турскиот народ“, додаде Кенеди, истакнувајќи дека Турција се грижи од повеќе аспекти за трите милиони Сиријци, особено за сместувањето, здравството и за инфраструктурата.
Кенеди се осврна на заканата од глад што поради сушата достигнала до сериозни нивоа во источноафриканските земји како Сомалија, Етиопија, Кенија и Јужен Судан, како и на хуманитарната криза во Јемен, и рече дека ситуацијата во овој регион е сериозна. Тој нагласи дека ОН, исто како во Сирија, ќе се потруди да достигне до секој што има потреба за помош, без разлика на државата, регионот и нацијата.