Mehmet Yılmaz
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
БУДИМПЕШТА (АА) - Портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач соопшти дека со цел да се сопре влезот на бегалците во земјата, ќе биде пуштена електрична струја низ втората жичена ограда што е поставена на границата на Унгарија со Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Ковач во образложението што го даде за Унгарската информативна агенција (МТИ), го бранеше ставот дека со тоа што изградената жичена ограда ќе го спречи влезот на бегалците во Унгарија, истовремено ќе ја заштити и Европската Унија (ЕУ).
Во план е изградбата на жичената ограда во должина од 150 километри да биде завршена до 1. мај. Портпаролот Ковач информираше дека новата ограда ќе биде опремена со термални камери, а истовремено ќе биде опремена и со други современи технологии. „Новата 'паметна жичена ограда' е со многу поголеми технички можности од претходната. Благодарение на напредната технологија, низ жичената ограда ќе биде пуштена електрична енергија што не го загрозува човечкиот живот. Овој систем ќе испраќа информации до центарот и до чуварите на границата, во кој дел бегалците се обидуваат да ја преминат границата“, додаде Ковач.
Еден од главните патишта на бегалците што се обидуваат да пристигнат до западна Европа води преку Унгарија, Србија и Хрватска, земји што на своите граници поставија огради од жилет-жица, воведоа вонредна состојба во пограничните подрачја и ги зголемија казните за илегално преминување на границата.
Во рамките на преземените мерки против бегалците, Унгарија како членка на Вишеградската група, со поддршка на своите партнери Чешка, Полска и Словачка, на границата испрати дополнителни полициски и воени сили. На 9. март минатата година, унгарската Влада прогласи вонредна состојба на ниво на целата земја, со цел да се зголеми граничната безбедност на земјата поради бегалската криза и неизвесноста присутна во балканските земји.
Врз основа на воведената вонредна состојба, на 5. јули минатата година унгарската Влада соопшти дека долж српската и хрватската граница поставила систем за 'длабока гранична контрола' и сите бегалци кои ќе бидат фатени во длабочина од 8 километри од границата, ќе бидат префрлени до најблискиот граничен премин.
Ѓорѓи Баконди, главен советник на премиерот на Унгарија, на 20 јануари соопшти дека со цел да се спречи влезот на бегалците во земјата, претходно поставената ограда од жилет-жица ќе биде надградена со камери кои детектираат топлотни извори, систем за ноќно гледање, рефлектори и системи за снимање и дека ќе биде поставена нова, повисока и поцврста жичена ограда.
Од друга страна, голем број невладини огрганизации тврдат дека безбедносните сили спроведуваат насилство врз бегалците кои по илегални патишта влегле во Унгарија, и ги враќаат назад во Србија.