Bayram Altuğ
01 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Фондот на ОН за деца (УНИЦЕФ) предупредува на опасноста од поплави и свлечишта предизвикани од сезонските монсунски дождови со кои би можеле да се соочат 200.000 аракански муслимани сместени во камповите во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на УНИЦЕФ, Кристоф Булиерак, на прес-конференцијата одржана во седиштето на ОН во Женева, потсети на сезоната на монсунски дождови, која трае од јуни до септември.
Тој додаде дека се загрижени за здравствената состојба на децата од Аракан кои се сместени во камповите.
Булиерак потсети на предсезонските врнежи кои започнаа на 26 април, а кои веќе започнаа да создаваат проблеми на бегалците во камповите во Кокс Базар. Тој додаде дека бурата која вчера го погодила тоа подрачје била посебно стресна за децата.
Предупреди дека монсунските дождови носат ризик од заразните болести, загадување на водата и влошување на санитарните услови.
„Претпоставуваме дека повеќе од 100.000 лица, од кои околу 55.000 деца, се под ризик од поплави и свлечишта. Овој број, поради сериозните врнежи, би можел да достигне и 200.000“, истакна Булиерак.
Тој порача дека УНИЦЕФ ќе продолжи да пружа помош на децата во камповите во Бангладеш.
Податоците на ОН покажуваат дека од 25 август 2017 година од Аракан во Бангладеш побегнале 70.000 лица.
Сателитските снимки на многу меѓународни организации за заштита на човековите права покажуваат дека се уништени неколку стотици села.
ОН и меѓународните организации за заштита на човековите права насилството врз араканските муслимани го нарекуваат етничко чистење или геноцид.