Ömer Faruk Yıldız
25 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Социјалните медиуми „Фејсбук“ и „Инстаграм“ ги забранија сите профили на Армијата на Мјанмар, која власта во земјата ја зазеде со воен удар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата дадена од „Фејсбук“ се истакнува дека забраните кон профилите на Армијата на Мјанмар воведени на „Фејсбук“, исто така ќе бидат реализирани и на „Инстаграм“.
Исто така, во изјавата се нагласува дека забранети се и рекламите на трговски профили кои се поврзани со воената администрација.
На 21 февруари „Фејсбук“ ја избриша официјалната страница за информации на Армијата во Мјанмар наречена „Екипа за точни информации на Татмадав“.
Пред тоа од страна на социјалната платформа „Фејсбук“ беа преземени мерки за да се спречи ширењето на објавите на хунтата.
- Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.