Ekip
21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
ПЕКИНГ (АА) - Основачот на „Хуавеј“ (Huawei) изрази уверување дека ограничувањата на Соединетите Американски Држави ќе имаат мало влијание на продажбата на кинескиот технолошки гигант. Рен Женгфеи денеска додаде дека разговара со „Гугл“ (Google) за итната помош за можните загуби на услугите за паметните телефони на „Хуавеј“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„„Хуавеј технолоџис Лтд“ (Huawei Technologies Ltd), најголемиот светски произведувач на мрежната опрема за телефонски оператери, има резервни копии, доколку изгуби пристап до американските компоненти“, изјави Женгфеи за кинеските медиуми.
Регулативата на администрацијата на Доналд Трамп минатата недела го зајакна притисокот врз „Хуавеј“, за кој Вашингтон тврди дека претставува закана за националната безбедност и може да ја наруши продажбата на мрежната опрема и други производи. „Хуавеј“ е втор на глобалниот пазар на паметни телефони, но се потпира на оперативниот систем на „Гугл“ - „Андроид“ (Android) и на доставувачи на компоненти од САД.
Владата на Кина го повтори ветувањето дека ќе ги брани интересите на кинеските компании во странство, но не изнесе детали за тоа што Пекинг може да стори конкретно.
Американските официјални претставници тврдат дека „Хуавеј“ и другите кинески продавачи на телекомуникациска опрема се безбедносен ризик, бидејќи се подредени на Комунистичката партија на Кина. „Хуавеј“ ги негира обвинувањата дека го олеснува кинеското шпионирање.
„Контролите на САД нема да имаат никакво влијание во рамките на дејствувањето на нашата компанија, ниту на развојот на телекомуникациската технологија на новата генерација. Можеби би можело да дојде до влијание на некои мали работи“, нагласи Женгфеи.
„Хуавеј“ разви сопствени чипови за некои паметни телефони и други производи, но се потпира на американските доставувачи за своите најнапредни компоненти.
„„Хуавеј“ и „Гугл“ разговараат за итните мерки за помош во работењето со паметните телефони, кои би можеле да изгубат пристап на некои услуги на американската компанија“, изјави основачот на „Хуавеј“.
Откако американската администрација кинескиот технолошки гигант го смести на црната листа, „Гугл“ донесе одлука за воведување на одредени ограничувања за „Хуавеј“ во пристапот на оперативниот систем „Андроид“. „Гугл“ во понеделникот објави дека неговите основни услуги и понатаму ќе работат на паметните телефони на „Хуавеј“, кои го користат оперативниот систем „Андроид“.
„Гугл“ не даде детали за тоа кои услуги би можеле да бидат ускратени, но на компанијата ѝ е забрането директно да го пренесува хардверот или софтверот на „Хуавеј“, што би можело да влијае на користењето на мапи или други услуги кои бараат поддршка од американската компанија.
Вашингтон се обиде да ги убеди и своите сојузници да го избегнуваат „Хуавеј“ како доставувач на следната генерација на комуникациската технологија 5Г- мрежа.