свет

„Целосно е неприфатлив повикот на израелскиот министер за раселување на луѓето од Западниот Брег“

- Израелската армија вчера започна голема воена операција во северниот дел на Западниот Брег, најголема во последните две децении, во која досега се убиени најмалку 17 Палестинци

Nur Asena Ertürk  | 29.08.2024 - Обновена : 30.08.2024
„Целосно е неприфатлив повикот на израелскиот министер за раселување на луѓето од Западниот Брег“

АНКАРА (АА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, денес изјави дека повикот на израелскиот министер за надворешни работи за раселување на луѓето од Западниот Брег е „целосно неприфатлив“, јавува Анадолу.

Пред да присуствува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Борел за новинарите изјави дека високата координаторка на ОН за хуманитарна помош и реконструкција за Газа, Сигрид Каг, ќе ги информира министрите за ситуацијата на терен.

„Таа ќе ја објасни ситуацијата како и состојбата на Обединетите нации, кои се под силен притисок од израелската Влада, спречувајќи ги сите организации на ОН да ја вршат својата работа“, рече Борел.

Тој, исто така, изрази жалење поради доцнење на можниот исход од разговорите за прекин на огнот и зголемувањето на бројот на цивилните жртви како што продолжува бомбардирањето.

„Целосно е неприфатлив повикот од министерот за надворешни работи на Израел да ги премести луѓето од Западниот Брег, правејќи го речиси истото што го направија со луѓето во Газа“, рече Борел.

Тој рече дека Европската унија мора да го крене својот глас за да постигне дефинитивен прекин на огнот и да стави крај на оваа ситуација и конечно да им дозволи на сите народи, вклучително и Палестинците и Израелците, да коегзистираат во мир и безбедност.

Израелската армија вчера започна голема воена операција во северниот дел на Западниот Брег, најголема во последните две децении,во која досега се убиени најмалку 17 Палестинци, според официјалната палестинска новинска агенција Вафа.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац повика на „привремена евакуација“ на палестинските цивили, како и „кои чекори се потребни“ за да се спроведе операцијата.

Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа по нападот на Хамас минатиот 7 октомври и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот.

Тековната блокада на Газа доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Со привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın