19 Октомври 2023•Ажурирај: 20 Октомври 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Вчера група американски Евреи одржаа пропалестински протест во дел од зградата на американскиот Капитол во Вашингтон, по што полицијата интервенираше и приведе неколкумина од нив, јавува Анадолу.
Насобраните демонстранти носеа транспаренти со кои повикуваа на прекин на огнот во Газа, а многумина носеа црни маици на кои пишуваше „Не во наше име“.
Исто така, собраните во комплексот каде што се наоѓа и американскиот Конгрес, скандираа „Пуштете ја Газа да живее“.
По одредено време интервенираше американската полиција која приведе неколку демонстранти.
Газа моментално преживува тешка хуманитарна криза без струја, додека водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Бројот на загинати во израелските напади од 7 октомври во Појасот Газа се искачи на 3.478, а над 12.000 се повредени.
Борбите започнаа кога Хамас започна повеќекратни ненадејни напади на 7 октомври, кои вклучија бројни ракетни напади и инфилтрација во Израел преку копно, море и воздух. Хамас соопшти дека операцијата била одмазда за претходните рации во џамијата „Ал Акса“ и порастот на насилствата од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Како одговор, израелската војска започна операција против позициите на Хамас во Појасот Газа.