Haydar Karaalp
10 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
БАГДАД
Демонстрантите кои веќе 100. ден протестираат против Владата во Ирак, денеска повикаа на „милионски демонстрации“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници луѓе се собраа на плоштадот „Тахрир“ во Багдад, главниот град на Ирак, во знак на протест против Владата. Истакнувајќи дека не сакаат корумпирани политички партии, побараа формирање на независна влада.
Додека една група од демонстранти извикуваа антиирански пароли, другата група извикуваше „Ниту Америка, ниту Иран!“.
Ирачките демонстранти со себе носеа транспаренти на кои пишуваше „Не сакаме војна, сакаме татковина!“ и повикаа нивната земја да не се претвори во место на конфликти, поради напнатоста меѓу Иран и САД.Демонстрациите избувнаа во главниот град на 1 октомври 2019 година и за кусо време се проширија во јужните градови на земјата. Протестите, кои беа прекинати една недела, повторно започнаа на 25 октомври, и траат 100 дена без прекин.
Демонстрантите поставија шатори и во главниот град и во јужните градови. Протестите продолжуваат со седење.
Плоштадот „Тахрир“, во центарот на Багдад, стана дом на демонстрантите. Безбедносните сили честопати користеа непропорционална сила врз демонстрантите за да прекинат со протестите.
Безбедносните сили и во јужните градови спроведоа разни воени интервенции за растурање на демонстрантите.
Според податоците на Владата, досега повеќе од 350 луѓе се убиени, а речиси 1.000 луѓе се повредени. Десетици граѓански активисти се приведени, а исто толку и се убиени.
- Повик за „милионски демонстрации“
Демонстрантите повикаа на „милионски демонстрации“ во сите градови, на чело со главниот град Багдад.
Тие, исто така се загрижени нивната земја да не стане регион на конфликти по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани и напнатоста меѓу САД и Иран, која е на највисоко ниво.
Во кампањата „Милионски демонстрации“, која започна на социјалните медиуми, беше додадена и етикетата „Сакаме татковина, не сакаме војна“.
Ирачките демонстранти исто така се жалат дека нивните барања за формирање независна влада сѐ уште не се исполнети.
Во писмената изјава дадена пред два дена, Муктада ес-Садр, лидерот на движењето „Садр“ во Ирак, повика на воспоставување независна и моќна влада во рок од 15 дена.