Firdevs Yüksel
26 Мај 2022•Ажурирај: 26 Мај 2022
КАЗАН (АА) - Меѓународниот економски самит „Русија - Исламски свет: Самитот во Казан 2022“, организиран во Казан, главниот град на Република Татарстан при Руската Федерација, угости 6.388 гости од 64 земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тринаесеттото издание на овогодишниот Самит, чиј глобален комуникациски партнер беше Агенција Анадолија, ги обедини претставниците на меѓународните организации, како и на јавните и финансиските институции, дипломати, политичари, инвеститори и бизнисмени.
Главната тема на овој Самит беше: „Заедничките придобивки на економијата на споделувањето и халал-разбирањето“, а во рамки на Самитот различни експерти учествуваа на панели и сесии, осврнувајќи се на различни теми како исламски финансии, халал-индустрија, развој на извозот, претприемништво и инвестиции.
Самитот имаше за цел зајакнување на односите меѓу Русија и членките на Организацијата за исламска соработка, а во негови рамки беа потпишани над 10 договори за соработка во повеќе области, како финансии, здравство, земјоделство и производство на машини.
Исто така, во рамки на Самитот, учесниците од различни зони во Русија и различни земји на исламскиот свет имаа можност да разговараат за актуелни теми во различни форуми.
Од друга страна, во рамки на дводневниот настан наречен „СберТалк“ се дискутираше за проблемите во финансискиот сектор.
Самитот беше домаќин и на Саемот „Русија халал експо 2022“ (Russia Halal Expo 2022), на кој учествуваа фирми од различни сектори како храна, здравство, козметика, хемикалии, туризам, мода и нега, ИТ, финансии и др. Саемот беше организиран со цел промоција и поддржување на халал-индустријата.
Освен тоа, Самитот во Казан за првпат беше домаќин и на настаните одржани по повод Светскиот халал-ден.
Како дел од културната програма на Самитот, беше одржан и Фестивалот „Модест фашион деј“ (Modest Fashion Day). На фестивалот беше претставена и модна ревија на колекциите на 12 креатори од Русија, Индонезија, Казахстан, Узбекистан и Шпанија.