ЊУЈОРК (АА) – БЕТУЛ ЈУРУК -
Дваесетгодишнината од 11 септември, најголемиот терористички напад во американската историја, го означи крајот на војната што ја започнаа САД во Авганистан под името „борба против тероризмот“, повлекувањето на нејзините војници од земјата и преземањето на контролата врз земјата од страна на талибанците.
По 20 години окупација, САД ставија крај на најдолгата војна во својата историја во Авганистан, во која загинаа десетици илјади лица и чинеше билиони долари. За првпат, во својата 20-та година, терористичките напади од 11 септември годинава ќе бидат одбележани „без војна“.
Покрај тоа што САД ја завршија војната, дебатите на тема „Дали војната беше навистина неопходна, дали САД требаше да ги повлечат своите војници или пак да продолжат со своето присуство во Авганистан, дали процесот на повлекување и процесот на евакуација, каде што се доживеа хаосот, можеа подобро да се испланираат“ сѐ уште продолжуваат.
Она што се случи за време на евакуацијата, снимките од Авганистанците кои се обидуваат да се качат на крилата на авионот што се подготвуваше да полета, и снимките на бебето кое беше дадено на американскиот војник кој се наоѓаше на еден висок ѕид, исто така ќе останат врежани во спомените, исто како и нападите на 11 септември.
Војната, која тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш ја започна во обид да се бори против тероризмот и да ја донесе демократијата во Авганистан по нападите на 11 септември 2001 година, заврши со повлекување на американските трупи од Авганистан на 31 август 2021 година, со одлука на администрацијата на Бајден.
Буш го собори талибанскиот режим со инвазија на Авганистан на 7 октомври 2001 година, откако талибанците одбија да го екстрадираат Осама бин Ладен, водачот на Ал Каеда. Во земјата на власт дојде Хамид Карзаи, кој беше поблиску до Западот.
Барак Обама, кој стана претседател на САД по Буш, зазеде „антивоена“ позиција и за време на неговиот мандат повлече некои од американските војници од Авганистан и Ирак.
За време на првиот мандат на Обама, Осама бин Ладен, лидерот на Ал Каеда, беше убиен. Обама на 1 мај 2011 година на светот му соопшти дека Бин Ладен е убиен во куќата каде што се криел во Пакистан.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој сметаше дека инвазијата е голема грешка, вети дека американските војници од Авганистан ќе ги врати во своите домови и во 2020 година го започна мировниот процес со талибанците. Војната ја заврши американскиот претседател Џо Бајден, кој ја продолжи политиката на Трамп да ги повлече американските војници од САД.
Администрацијата на Бајден, која сакаше да ги повлече американските војници од Авганистан пред 20-годишнината од нападите на 11 септември, тоа го направи набрзина. Со тоа зад себе остави хаос и го потресе светското јавно мислење, исто како и нападите на 11 септември.
Смртта на 13 американски војници во терористичкиот напад на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул за време на процесот на повлекување од Авганистан во американската јавност беше напишана како негативна оценка за администрацијата на Бајден.
- Во Авганистан животот го загубија 2.461 американски војник -
Според проектот „Costs of War“, објавен од страна на Универзитетот „Харвард“ и Универзитетот „Браун“, инвазијата на САД предизвика големи загуби во двете земји, а животот го загубија повеќе од 172.000 луѓе.
Во војната која траеше 20 години, животот го загубија 2.461 американски војник, а бројот на Авганистанците кои работеа за САД и ги загубија своите животи е регистриран како 3.846.
- Во војната загинаа околу 50.000 авганистански цивили -
Најпогодени од војната беа авганистанските цивили. Речиси 50.000 Авганистанци ги загубија животите во војната.
Во Авганистанската армија речиси 66.000 војници ги загубија животите. На страната на талибанците и другите опозициски борци загинаа 51.191 лице.
Животот го загубија 1.144 војници од НАТО и други земји кои служеа во Авганистан.
Од друга страна, во Авганистан досега животот го загубија 444 работници на организациите за хуманитарна помош и 72 новинари.
- Американците продолжуваат да ја плаќаат цената на војната која достигна билиони -
Покрај тоа што најдолгата војна во САД заврши со повлекување на американските војници од Авганистан, Американците продолжуваат да ја плаќаат цената на војната која достигна билиони.
Трошоците за војните во Авганистан и Ирак, кои САД ги финансираа со позајмици до 2020 година надминаа 2 билиони долари. Со каматите ова задолжување се очекува да достигне 6,5 билиони долари до 2050 година.
- Нападите на 11 септември го сменија текот на светот -
Нападите од 11 септември не само што го отворија патот за инвазија на Авганистан и Ирак, туку и буквално го сменија текот на светот.
Нападите на 11 септември влијаеја во многу области, од безбедносни политики до патувања, од култура до начин на живот. По нападите, исто така, се зголеми расизмот и исламофобијата.
По инвазијата на Авганистан, администрацијата на Буш го нападна Ирак на 20 март 2003 година, со образложение дека има хемиско оружје, го собори Садам Хусеин и го лиши од живот.
Блискиот Исток беше вовлечен во поголема нестабилност, превирања и секташки војни. На Блискиот Исток стотици илјади цивили ги загубија своите животи, а се појавија нови терористички организации како што е ДЕАШ.
По американската инвазија, Ирак стана една од земјите со најсложени проблеми на Блискиот Исток.
Во Авганистан, за 20 години, талибанците не само што добија поголема моќ, туку повторно ја презедоа контролата врз земјата по падот на Кабул и заминувањето на претседателот Ашраф Гани на 15 август.
- Нов светски поредок -
Новиот светски поредок што започна по терористичките напади на 11 септември, донесе нови безбедносни стратегии во борбата против тероризмот. Заедно со нападите, перцепцијата за националната безбедност се смени во сите земји, не само во САД. Државите почнаа да одвојуваат повеќе пари за националната безбедност.
Покрај конвенционалното или хемиското оружје, сега секое сомнително возило, лице или пакет, се смета за терористичка закана.
На јавни места, особено на аеродромите, преземени се повеќе безбедносни мерки, со што се појави ново безбедносно сфаќање и сектор.
- Исламофобијата и 11 септември -
Нападите од 11 септември предизвикаа голем пораст на злосторствата од омраза против муслиманите на Запад, особено во САД, и продлабочување на исламофобијата. Во медиумите почна често да се користат поимите за „исламски тероризам“ и „радикален ислам“.
Истражувањата покажаа дека медиумите повеќе покриваат терористички напади во кои учествуваат муслимани отколку напади од луѓе кои припаѓаат на друга религија или група.
- Што се случи на 11 септември 2001 година?
Њујорк, срцето на американскиот финансиски систем, утрото на 11 септември се разбуди со терористичките напади врз кулите близначки.
Киднапирани се четири патнички авиони што полетаа од Њујорк, Бостон и Вашингтон кон Сан Франциско и Лос Анџелес.
Киднапираниот патнички авион на „Американ ерлајнс“ (Amerikan Airlines) за Лос Анџелес удри во северната зграда на кулите близначки во 8:46 часот по локално време. Во време кога северната кула беше во пламен, друг киднапиран авион на „Јунајтед ерлајнс“ (United Airlines) удри во јужната кула во директен пренос, точно 17 минути по првиот напад.
По нападите, кои САД и целиот свет ги гледаа во живо, кулите близначки се срушија пред милиони луѓе за неколку минути, а Менхетен беше покриен со облаци од прашина.
По нападите врз кулите близначки уште еден киднапиран авион удри во зградата на Министерството за одбрана на САД (Пентагон).
Последниот киднапиран авион беше соборен од авионите Ф-16 во Пенсилванија.
Вкупно 2.977 луѓе го загубија животот во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија, без 19-те напаѓачи кои ги киднапираа авионите.
news_share_descriptionsubscription_contact
