30.000 луѓе се евакуирани поради големиот шумски пожар во Лос Анџелес
- За само неколку часа пожарот зафатил површина од околу 200 хектари земја, а до вечерта се проширил на речиси 3.000 хектари.
ИСТАНБУЛ (АА) – Околу 30.000 луѓе се евакуирани поради големиот шумски пожар во Лос Анџелес, Калифорнија, јавува Анадолу.
Официјалните лица предупредуваат дека зголемениот интензитет на ветерот може дополнително да ја влоши ситуацијата.
Противпожарната служба во Лос Анџелес објави дека вчера изутрина избувнал пожар во крајбрежната населба Пацифик Палисејдс.
Пламените јазици брзо се проширија поради ветровите кои достигнаа брзина и до 64 километри на час.
За само неколку часа пожарот зафатил околу 200 хектари земја, а до вечерта зафатил површина од речиси 3.000 хектари.
Пожарот претставуваше непосредна закана за повеќе од 10.000 домови. Властите наредија евакуација на околу 30.000 жители од погодената област.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, рече дека државата испратила 110 противпожарни возила во Јужна Калифорнија.
Пожарникарите од Лос Анџелес пријавија повеќекратни повреди, вклучително и изгореници. Еден пожарникар се здобил со тешка повреда на главата додека го гаснел пожарот.
Синоптичарите предупредија на уште посилен ветер во текот на ноќта, што може да ја влоши состојбата. Жителите се повикани да ги слушаат наредбите за евакуација и да останат подготвени бидејќи регионот се соочува со она што властите го опишуваат како „екстремна опасност од пожар“.
Националната метеоролошка служба издаде предупредувања со црвено знаме за окрузите Лос Анџелес и Вентура, предупредувајќи дека ударите на ветерот во планините и подножјето може да надминат 160 км на час, што дополнително ги отежнува напорите за гаснењето на пожарот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.