ВАШИНГТОН (AA) - На отворено море спроти брегот на американската сојузна држава Калифорнија усидрен е крузер со 3.500 патници. При тестирањето на патниците, кај 21 од нив е детектиран вирусот Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во врска со откривањето на новиот тип на коронавирус на патничкиот брод „Гранд принцес“ изјава даде заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс.
Пенс соопшти дека во првата етапа за тестирање биле земени примероци од 46 лица, а кај 21 лице, од кои 19 членови на екипажот и двајца патници е откриен вирусот Ковид-19.
Пенс истакна дека се преземени сите превентивни мерки и бродот ќе биде пренесен на некое некомерцијално пристаниште каде што сите лица на бродот ќе бидат тестирани.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, препорача, доколку е тоа можно, тестирањето да биде направено пред патниците да го напуштат бродот, но истакна дека најдобро би било кога таа одлука би ја дале одговорните лица.
Официјалните лица се загрижени бидејќи голема е веројатноста болеста да е веќе распространета на големиот патнички брод. Во врска со овој настан, американските медиуми се повикаа на сличниот случај со крузерот укотвен на јапонското пристаниште Јокохама, каде што 700 патници беа ставени во карантин.
При укотвувањето на бродот „Дајмонд принцес“ на 12 февруари на пристаништето Јокохама во Јапонија, при тестирањето вирусот Ковид-19 е откриен кај 175 лица, по што патниците на бродот 14 дена поминаа во карантин.
Од друга страна, бројот на смртни случаи на целата територија на САД се зголеми на 15, додека вирусот се прошири во 25 сојузни држави.
Вирусот кој за првпат во САД е забележан во сојузната држава Вашингтон, подоцна се прошири и во другите држави. И државите Њујорк, Индијана, Минесота, Мериленд и Пенсилванија влегоа во сојузните држави во кои е забележан вирусот Ковид-19.
- Случај на коронавирус на конференцијата АИПАК на која учествувал Мајк Пенс -
Вирусот Ковид-19 е откриен кај две лица кои учествувале на годишната конференција на Американско-израелскиот комитет за односи со јавноста (AIPAC), кој се одржа во Вашингтон од 1 до 3 март.
Според информациите во електронската пошта што АИПАК ја испрати до учесниците на конференцијата се вели дека на конференцијата на АИПАК на која учествувале и заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс и шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, вирусот Ковид-19 е забележан кај двајца членови од Њујорк, додавајќи дека во врска со тоа започнати се активности.
Американската администрација ја информира јавноста дека работи да ги ограничи ефектите на новиот тип на коронавирус.
Вирусот Ковид-19 за првпат беше откриен во кинескиот град Вухан, од каде што се прошири во светот и денес има над 100.000 лица заразени од овој вирус, а над 3.000 лица починаа од последиците на новиот тип на коронавирусот.
news_share_descriptionsubscription_contact


