Mahmoud Mohamed Barakat
13 Декември 2023•Ажурирај: 14 Декември 2023
ГАЗА (АА) - Најмалку 87 новинари се убиени во тековната израелска воена кампања во Појасот Газа од 7 октомври, објави денес владината Канцеларија за медиуми во опколената палестинска енклава, пренесува Анадолу.
Канцеларијата соопшти дека последната жртва е Абдулкарим Ода, кој беше убиен во израелски напад.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади, воведе опсада и започна копнена офанзива со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници на Појасот Газа како одмазда на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени 18.412 Палестинци, а ранети се над 50.100 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Меѓу убиените најмалку 8.000 се деца, а 6.200 се жени.
Околу 139 заложници се во заробеништво, а официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.