Ekip
13 Октомври 2018•Ажурирај: 14 Октомври 2018
КАБУЛ (АА) - Најмалку 13 лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени во експлозија на предизборен собир во Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Калил Асир, портпаролот на полицијата во покраината Такхар на северниот дел на земјата, за АА изјави дека инцидентот се случил во округот Рустак.
Според неговите зборови, детониран е експлозив кој бил скриен во мотоцикл на предизборниот собир на Назифа Јусуфи Бек, кандидатка на претстојните избори за Долниот дом. Кандидатката не е повредена.
Засега никој не презеде одговорност за нападот.
Талибанците ги предупредија Авганистанците да не учествуваат во изборниот процес. Пред четири дена кандидатот на изборите и 8 негови поддржувачи се убиени во самоубиствен напад во јужната покраина Хелманд. Во сличен напад во покраината Нангархар минатата недела загинаа 13 лица, а повеќе од 20 се повредени.
Мисијата на ОН за помош на Авганистан (UNAMA) изрази загриженост поради високото ниво на насилство за време на предизборната кампања. Авганистанците би требало да гласаат на изборите кои ќе се одржат на 20 октомври.