Mohammad Fahim Abed
20 Јануари 2016•Ажурирај: 21 Јануари 2016
КАБУЛ (АА) - Најмалку четири лица загинаа во самоубиствениот бомбашки напад кој денес се случи во непосредна близина на руската амбасада во главниот град на Авганистан, Кабул, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменикот министер за внатрешни работи на Авганистан, Ејуб Саланџи соопшти дека во споменатиот напад ранети се најмалку 24 лица, а мета на нападот бил минибус со вработени на авганистанската телевизија "Toto TV".
Неименувано официјално лице од споменатата телевизија за АА изјави дека бомбашот-самоубиец извел напад врз минибусот кој ги превезувал вработените на таа медиумска куќа, а нападот бил изведен кога минибусот бил во непосредна близина на зградата на руската амбасада.
На местото на нападот стигнале голем број екипи на итната медицинска помош и авганистанските безбедносни сили.
Според неофицијални информации, нема настрадани од вработените во руската амбасада.
Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот, но талибанското движење претходно се заканувало дека ќе изврши напад врз споменатата телевизија која ја обвинува дека им служи на интересите на Западот.