Ruslan Rehimov
08 Октомври 2020•Ажурирај: 10 Октомври 2020
БАКУ
Ерменија ја откажа акредитацијата на Илја Азар, рускиот дописник на „Новаја газета“ (Novaya Gazeta), поради вестите што ги објави за Нагорно Карабах, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинарот Азар на својот профил на Фејсбук објави дека му е откажана акредитацијата од страна на Министерството за надворешни работи на Ерменија и дека му е забрането да работи како новинар во регионот.
Наведувајќи дека ерменското Министерство за надворешни работи се обидува со сите сили да ја ограничи работата на новинарите во Нагорно Карабах, Азар истакна дека неговата акредитација е откажана поради вестите што ги подготвил од Шуша и Лачин.
Тој подвлече дека ветувањата на ерменските власти во врска со слободата на медиумите во земјата се контроверзни и дека во своите вести ја напишал вистината.
Илја Азар во својот текст под наслов „Војна на јужната порта“ наведе дека воените загуби на ерменската страна се многу поголеми отколку што е објавено официјално.
Вклучувајќи ги изјавите на очевидците, Азар во својот текст напиша дека за време на нападот на азербејџанската армија, во Културниот центар во Шуша имало околу 600 војници и полицајци на Ерменија.
Азар, во текстот, објавувајќи ги своите впечатоци, истакна дека новорегрутираните ерменски војници биле веднаш вооружени и дека со тоа биле испратени во смрт.