Ekipa
09 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
MAИ САИ (AA) – Тајландските власти известија дека ќе ги продолжат операциите за спасување за да ги извлечат преостанатите членови на фудбалскиот тим кои се заробени во поплавената пештера, откако вчера успешно спасија четири момчиња, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот се наведува дека четирите момчиња кои веќе се спасени се потхранети, но во добра здравствена состојба. Втората операција за спасување започна денска, во 11 часот по локално време. Операцијата ќе трае неколку часа.
Официјалните претставници на прес-конференцијата рекоа дека родителите на спасените момчиња, чии имиња не се откриени, сè уште не добиле дозвола да имаат физички контакт со нив, додека подетално не биде испитана нивната физичка состојба.
На конференцијата, исто така, е кажано дека нивото на водата во пештерата не е променето на местото каде што се наоѓаат момчињата и тренерот.
Осум момчиња сè уште чекаат во пештерата заедно со тренерот. Се очекува дека новата група од пештерата ќе излезе за неколку часа.
Фудбалскиот тим, 12 момчиња на возраст меѓу 11 и 16 години, и нивниот 25-годишен тренер за време на посета на пештерата Там Луанг Нанг Нон на 23 јуни, останаа заробени откако беа поплавени влезовите од пештерата.
Групата е пронајдена по девет дена, но не е извлечена поради големото количество вода во пештерата.