Hakan Burak Altunöz
07 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
ТРАБЗОН (АА) – Пештерата Чал, која е прогласена за втора најдолга пештера во светот, со своите сталагмити и сталактити, реката што понекогаш достига длабочина од 1,5 метри, со своите водопади и езерца го привлекува вниманието на посетителите, јавува Anadolu Agency (AA).
Пештерата Чал се наоѓа во подрачјето на градот Дузќој во Трабзон, североисточна Турција, на надморска височина од 1.050 метри. Покрај природните убавини што ја красат пештерата однадвор, сталагмитите и сталактитите во внатрешниот дел речиси 14 години го привлекуваат вниманието на туристите.
Над пештерата се наоѓа тврдина, а низ нејзината внатрешност тече река и по пешачење од околу 200 метри по дрвени скали, реката се дели на два дела. На левата страна, на растојание од 150 метри се наидува на варовнички платоа, каде што може да се забележи цевка низ која тече водата, којашто доаѓа од овалната јама што еродирала.
Од десната страна има патека долга 400 метри. На 60 метри од патеката има езеро и водопади, кои ви доловуват една поинаква убавина. Длабочината на реката што минува низ пештерата, за која се тврди дека им помага на заболените од астма и од синуситис, се менува во текот на сезоните. За време на дождовната сезона, длабочината на реката во пештерата достигнува и до 1,5 метар, додека за време на летните месеци нивото паѓа на околу 25 см.
За оваа пештера се претпоставува дека е формирана во текот на 8 милиони години, од пукнатините на варовниците, а се тврди дека денешниот изглед го добила во две фази. Во првата фаза, површинските води, протекувајќи низ пукнатините на варовниците и проширувајќи ги, предизвикале да се формира подземен воден канал, а во втората фаза пак, се тврди дека се намалила водата што течела и придонела за развојот на пештерата, како резултат на подигнувањето на регионот, така што запрел развојот на пештерата.
Оваа пештера е отворена за посета во текот на целата година, а годишно ја посетуваат околу 25.000 домашни и странски туристи. Пештерата има патека во должина од околу 1 километар. Досега е овозможен пристап до 8 километри од пештерата, но повеќе делови од пештерата сѐ уште не се во потполност откриени. Целта е да се реши прашањето со престојот, да се продолжи патеката и да се подобри осветлувањето.
Филиз Ѓунер – посетителка на пештерата, за АА изјави дека е многу импресионирана од пештерата и додава: „Имавме можност да ја слушнеме историјата на пештерата од тукашните вработени, и многу ни се допадна. Потребно е на пештерата да ѝ се придаде значење, како што тоа е направено за езерото Узунѓол и за манастирот Сумела. Покрај персоналот кој ве пречекува и упатува, има и водич за странски туристи. Според мене, домашните и странските туристи освен во лето, треба пештерата да ја посетат и во зима“.