Ekipa
27 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас се надева дека претстојната конференција за Блискиот Исток во Париз ќе донесе механизам со кој ќе биде завршена изградбата на израелските населби на окупираните палестински територии, јавува Anadolu Agency (AA).
Јавните примедби на Абас се први откако Советот за безбедност на ОН минатата недела донесе резолуција со која ја осуди изградбата на израелските населби како „флагрантно кршење на меѓународното право“. Абас на состанокот на својата партија Фатах вчера изјави дека резолуцијата го отворила патот за меѓународна мировна конференција.
На 15 јануари наредната година, Франција ќе биде домаќин на конференцијата на која земјите-учеснички би можеле да ја одобрат рамката за постигнување мир меѓу Израел и Палестина.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се противи на таквата активност, велејќи дека од решенијата можат да произлезат само директни преговори. Тој го повика Абас да се состанат, но палестинскиот претседател ја одби таквата можност сѐ додека не се заврши со изградбата на израелските населби на окупираните територии.