Ekipa
02 Август 2019•Ажурирај: 03 Август 2019
КАБУЛ (АА) - Пишувањето на медиумите за веројатното повлекување на околу 5.000 американски војници од Авганистан во услови на кревок мировен процес денес иницираше различни реакции, од претпазлив оптимизам до загриженост, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што САД и Талибанците се подготвуваат за потенцијалната последна фаза од маратонската рунда мировни преговори во Катар, „Вашингтон пост“ во четвртокот објави дека предложениот договор, според кој Талибанците треба да започнат со преговори за поголем мировен договор директно со авганистанската Влада, би можел да го намали бројот на американски трупи во земјата од приближно 14.000 на 8.000 до 9.000. Тој број ќе биде скоро ист како кога претседателот Трамп ја презеде функцијата претседател.
„За дополнителното намалување на американските сили ќе се разговара на преговорите што ги вклучуваат и Талибанците и авганистанската Влада“, се вели во написот.
Авганистанските власти во Претседателството не беа достапни за коментари, но првиот соработник на претседателот Ашраф Гани во саботата објави дека долго очекуваните разговори лице в лице со Талибанците ќе започнат во текот на следните две недели и ќе се одржат во европска држава.
Државниот министер за мировни работи, Абдул Салам Рахими - близок соработник на Гани - истакна дека тимот од 15 члена, вклучувајќи религиски научници, жени и членови на граѓанското општество, кои ќе го претставуваат Кабул на овие преговори, е финализиран. Рахими, исто така, повика на итно намалување на насилствата низ земјата.
„Разговорите ќе се одржат во Германија“, објави локалното радио „Салам Авганистан“ претходно оваа недела. Германија заедно со Катар беше домаќин на меѓуавганистанскиот дијалог за мир во Доха, на кој учествуваа претставници на авганистанското граѓанско општество, Талибанците и авганистански официјални претставници.