Ekipa
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
ИДЛИБ (АА) - Најмалку двајца цивили загинаа, а петмина се ранети во воздушен напад на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во зоната без судири во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Началникот на Цивилната заштита во Идлиб, Мустафа Хаџ Јусуф, за АА потврди дека јужните и западните делови на Идлиб од раните утрински часови биле изложени на жестоки воздушни напади од режимот на Асад.
„Бомбардирани се населените подрачја Ериха, Урум Куз, Бинкул, Мухамбил, Беширије. Загинаа двајца, а ранети се најмалку петмина цивили“, изјави Јусуф, додавајќи дека повредените се префрлени во болница.
Нападите ги извршија авионите на режимот на Асад од типот SU22, кои полетаа од Хомс.
Идлиб и северниот дел на Хама, кои се наоѓаат во близина на границата со Турција, на состанокот одржан на 4 и 5 мај во Астана се прогласени за зони без судири.
Подрачјето под контрола на воената опозиција и антирежимските групи се честа цел на напади од силите на режимот на Асад и Русија.