Recep Şakar
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
МЕЛБУРН (АА) - Во Австралија Федералната влада ќе плати отштета од 2 милиони австралиски долари (околу 1,46 милиони американски долари) на Абориџините, домородните луѓе, за расистичко однесување во исплаќање на додатокот за социјална помош воведен во 2015 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Групата, која застапува 680 лица од 10 заедници на Абориџините во Западна Австралија, поднесе барање до судот тврдејќи дека е расистичка Програмата за развој на заедницата (CDP), која вклучува построги правила од другите програми за социјални бенефиции.
Австралискиот федерален суд, кој ја разгледа апликацијата на групата која ја тужеше Владата, утврди дека секој од овие луѓе изгубил во просек по 1.800 австралиски долари поради тешките услови на програмата.
Иако Владата негира дека сторила неправилност, се согласи со претставниците на жртвите да им плати отштета од 2 милиони австралиски долари (околу 1,46 милиони американски долари) на Абориџините во рамките на Програмата за развој на заедниците (CDP).
- Повеќе од 80 отсто од оние кои ја користат програмата се Абориџини -
Дамиен Меклин, раководител на округот Нгаанјатјараку во Западна Австралија, рече дека локалните жители мора да патуваат 1.000 километри до најблиските градски центри Алис Спрингс и Калгурли за да можат лично да отидат во канцеларијата за социјална помош и да добијат помош.
Наведувајќи дека повеќе од 80 отсто од корисниците на Програмата за развој на заедниците се Абориџини, Меклин рече дека иако жителите на регионот имаат ограничен пристап до телефонски, интернет и транспортни услуги, многу од нив се соочуваат со јазични, културни, образовни и здравствени бариери.
- На Абориџините кои работеа двојно повеќе, им се исплаќаше половина од минималната плата -
Австралискиот национален универзитет, кој откри дека Абориџините според програмата треба да работат двојно повеќе од оние во градовите, исто така утврди дека домородните луѓе се казнуваат 25 пати повеќе од луѓето во градовите.
Домородците кои беа против Програмата и ја нарекуваа „модерно ропство“, честопати добиваа само 10 австралиски долари на час, половина од минималната плата.
Домородните луѓе во централна Австралија, кои ја користеа Програмата за помош наречена „работа за социјална помош“, мораа да работат 25 часа за да ја добијат помошта.
Луѓето, за да добиваат исплата за социјална помош, треба да поднесат документи кои докажуваат дека бараат работа, до „Центарлинк“, владината агенција која ги врши плаќањата.
Во споредба со луѓето во градовите, за Абориџините кои живеат во руралните области во централна Австралија, каде што условите за живеење се сурови, градовите се далеку и можностите за работа ограничени, речиси е невозможно да ги исполнат условите потребни за користење на додаток од социјална помош.
Федералната влада на почетокот на оваа година соопшти дека ќе ја откаже програмата и ќе воведе нова програма до 2023 година.