Elena Teslova
23 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател денеска негира дека Русија предизвикува криза за гас во Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на годишната прес-конференција во Москва, Владимир Путин рече дека тврдењата против руската енергетска компанија „Гаспром“ се лаги и обид да се испреврти сѐ.
„Зголемувањето на цената на гасот беше предизвикано од студеното време, недоволниот проток на гас во подземните складишта на природен гас, неработењето на ветерните турбини и некои други фактори“, изјави претседателот.
Путин рече дека Русија е единствената земја која ја зголемува испораката на гас за Европа, додавајќи дека транзитирала дополнителни 5,6 милијарди кубни метри на гас до Германија и 4,4 милијарди метри во Италија.
„Во меѓувреме, американските енергетски компании го напуштија европскиот пазар за „премиум пазарите“ во Латинска Америка и Азија, каде што цените на гасот се многу повисоки“, рече тој.
Објаснувајќи зошто „Гаспром“ не ги резервирал транзитните капацитети преку гасоводот „Јамал-Европа“, Путин рече дека германските и француските компании не поднеле нарачки за купување, па затоа нема комерцијална причина за транзит на гас кој никој не би го купил.
Путин, исто така потврди дека Германија го користи гасоводот „Јамал-Европа“ за транспорт на гориво до Полска и веројатно Украина, што го оневозможува користењето на гасоводот за промена бидејќи не може да биде користен во две насоки истовремено.