ВАШИНГТОН (АА) - САФВАН АЛАХВЕРДИ –
Агенција Анадолија (АА), преку макотрпна анализа на видеоснимки и други извори, документираше дека Калифа Хафтар, водачот на илегалните сили на истокот на Либија, користи судански платеници против либиската Влада, која е признаена од Обединетите нации (ОН).
Либија, каде што судирите не се запрени од Арапската пролет, која започна во 2011 година, од неодамна е сцена на борба на два различни центри на моќ.
Од една страна, постои либиската Влада, официјално признаена од институции како Обединетите нации, НАТО и Европската Унија (ЕУ), а од друга страна, пучистот генерал Калифа Хафтар, поддржан од Египет, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Франција.
Од друга страна, многу странски платеници како што се суданските милиции „Џанџавид“, бунтовничките групи на Чад и руските платеници од групaта „Вагнер“ исто така го поддржуваат Хафтар, водачот на илегалните сили кои се именуваат како „Либиска национална армија“.
Суданските борци, измамени од безбедносната компанија „Блекшилд“ со седиште во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), се носат во Либија. Тоа е вклучено во извештаите на ОН, но Хафтар и неговите приврзаници и натаму ја игнорираат оваа состојба.
- Трагите од суданските платеници се прикажани преку визуелни податоци -
Дописниците на АА, користејќи визуелни податоци, ги проследија суданските борци во Либија, кои честопати се тема на меѓународните медиуми.
Во првата фаза, со истражувањето кое започна со скрининг на сите пишани текстови и извештаи кои ги содржат зборовите „судански платеници“ и „Либија“ е откриено дека суданските платеници најпрво добиваат тримесечна воена обука во регионот Ал Гајати во ОАЕ. Потоа се пренесуваат до воените аеродроми во градовите Бенгази, Сирте, Рас Лануф и Ал Куфра, во Либија, кои се под контрола на Хафтар.
Во оваа фаза, додека се скенираа визуелните податоци на суданските платеници кои се пренесени во различни делови на земјата за борба против силите на либиската Влада на национално единство, беа елиминирани видеата снимени на различни места кои не можеа да се проверат.
Меѓу неколкуте преостанати видеа, анализирано е видеото со наслов „Судански платеници се борат за Хафтар во Бенгази“.
- Видеото снимено во Бенгази стана основа за истрагата -
Активната употреба на профилот на социјалните медиуми од каде што е преземено видеото и тоа што видеата беа поставени само од Либија, ја зголемија можноста видеото да е снимено во Бенгази. Но за да се дознае со сигурност, користена е и техниката „мапирање“.
На видеото се гледа како суданските платеници, за кои се проценува дека се меѓу 100 и 200, даваат заклетва за Хафтар.
И покрај замагленоста на снимката, присуството на две структури, од кои за едната се смета дека е резервоар за нафта во заднина и другата, индустриските столбови за светло околу него, укажуваат дека повеќе станува збор за рафинерија, отколку за воена база.
Во оваа фаза, сите нафтени постројки во Бенгази една по една беа проверени преку сателитската услуга „Google Earth“, но ниту една од нив не одговараше на цртежот за поставеноста на објектот направен од новинарите на АА.
- Сателитските слики на рафинериите за нафта во Либија беа проверени една по една -
Потоа, направен е список на сите рафинерии на нафта во Либија и сателитските слики се проверуваа една по една.
Посакуваната постава на објектот беше пронајдена во рафинеријата во близина на Ал Џуфра, 51-та на списокот со 55 рафинерии. Соодветниот објект во голема мера одговараше на цртежот на новинарите на АА.
И покрај ова, процесот, за да се потврди тоа, продолжи, бидејќи сателитските снимки на комплексот последен пат беа ажурирани во 2016 година, и се разликуваа во некои делови од цртежот.
Потоа со пребарување на објектот на социјалните мрежи и на интернет, пронајден е профилот на комплексот на Фејсбук, на кој се споделени над 2.000 фотографии од објектот.
Фотографиите беа споредени со цртежите и сателитските снимки подготвени од новинарите на АА. Објектот од фотографиите овој пат потполно се совпаѓаше со видеото и цртежот.
Според тоа, утврдено е дека видеото на кое суданските платеници даваа заклетва за Хафтар е снимено на нафтеното поле „Зела 74-Б“ во близина на Ал Куфра.
Со оваа метода беа отфрлени тезите на изворите на Хафтар, кои тврдеа дека нема судански странски борци во Либија.