Dildar Baykan
13 Август 2020•Ажурирај: 15 Август 2020
ВАШИНГТОН
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, и покрај пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), инсистира наставата во септември да започне со присуство на учениците во училиштата, додавајќи дека е апсурдна идејата учениците да одат на училиште секој втор ден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Трамп, во придружба на заменик-претседателот Мајк Пенс и министерот за образование на САД, Бетси Девос, учествуваше на настанот по повод отворањето на училиштата организиран во Белата куќа.
Трамп, кој во однос на прашањето на образованието инсистира на директна настава во училиштата, ги критикуваше системите во некои американски сојузни држави кои предвидуваат учениците да одат на училиште секој втор ден или во одредени денови од неделата.
„Многу е апсурден концептот учениците да одат на училиште секој втор ден. Зарем не е така? Доколку учениците одат на училиште, тогаш нека ја посетуваат наставата целосно“, рече Трамп.
Трамп, осврнувајќи се на неговиот демократски противник Џо Бајден кој во периодот на избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, во емисиите постојано учествувал од подрумот на сопствениот дом и отсуствувал од надворешните активности, изјави: „Студентите кои го продолжуваат своето образование во изолација, наликуваат на кандидатот за претседател кој седи во подрумот на својот дом гледајќи во компјутер.“
И заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, истакна дека е потребно повторно отворање на училиштата во безбедни услови, истакнувајќи дека од Конгресот очекува фонд од 105 милијарди долари за отворањето на училиштата.