Merve Berker
20 Ноември 2021•Ажурирај: 20 Ноември 2021
АНКАРА
Претседателите на Азербејџан и Ерменија, Илхам Алиев и Никол Пашинијан, ќе се состанат во средината на декември во Брисел, за разговори за смирување на напнатоста, со оглед на повторувањето на граничните судири, соопшти Европската Унија (ЕУ) во петокот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Соопштено е дека Алиев и Пашинијан „се согласиле да се состанат во Брисел за да разговараат за регионалната ситуација и начините на совладувањето на тензиите за просперитетен и стабилен Јужен Кавказ, кој ЕУ го поддржува“.
„До договор дојде откако Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, разговарал со нив на телефон во петокот, во продолжение на разговорот за ситуацијата во регионот и во контекст на подготовките за самитот на Источното партнерство (ЕаП), претходно оваа недела.“
Соопштено е дека Мишел ќе ги угости Алиев и Пашинијан „на состанокот во Брисел на маргините на ЕаП-самитот“, што ќе се одржи на 15 декември.
„Челниците на Ерменија и Азербејџан се сложија во воспоставувањето директна комуникациска линија, на ниво на министри за одбрана, што би служела како механизам за спречување инциденти“, се додава во соопштението.
Двете поранешни советски републики учествуваа во смртоносните гранични судири во последните денови, а ерменските сили убија седум азербејџански војници и ранија 10 во текот на неделата.
Односите помеѓу Ерменија и Азербејџан се проблематични од почетокот на 90-те години на минатиот век кога Ерменија го окупира Нагорно Карабах и уште седум соседни региони кои се суверен дел на територијата на Азербејџан.
Во текот на 44-дневниот судир што почна кон крајот на септември минатата година, Азербејџан ослободи неколку градови и 300 населби и села кои Ерменија нелегално ги држеше под окупација речиси 30 години.