Ruslan Rehimov
20 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
БАКУ (АА) - РУСЛАН РЕХИМОВ -
Точно 30 години поминаа од настаните на 20 јануари 1990 година, кои ќе останат запаметени во историјата на азербејџанскиот народ како крвава јануарска трагедија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нападот извршен од воената машинерија на поранешниот Советски Сојуз против народот на Азербејџан, засекогаш ќе остане црна страница во историјата на цивилизацијата и едно од најлошите злосторства против човештвото.
Пред 30 години, постапувајќи по наредбите на Комунистичката партија на СССР, 26.000 вооружени советски трупи, опремени со воени борбени возила, го нападнаа Баку со намера да ги казнат луѓето кои се собираа на улиците, протестирајќи против нарушувањето на територијалниот интегритет на Азербејџан и барајќи слобода.
Како резултат на казнените операции убиени се 147 цивили, 744 се ранети, додека 400 лица се уапсени и подложени на разни облици на физичко насилство. Меѓу жртвите беа и деца, жени, млади момчиња, стари лица и цивили од разни националности од Баку. Овој масакр во историјата на Азербејџан ќе се памети како Црн јануари.
Политиката на Комунистичката партија и Владата на Советскиот Сојуз кон азербејџанскиот народ предизвика многу голема огорченост и протест на азербејџанскиот народ.
Премолчената согласност на советските власти со ерменските приврзаници на проширувањето, кои претендирале на Нагорно Карабах, составниот дел на Азербејџан, веќе ѝ овозможи на Ерменија во периодот меѓу 1988 и 1989 година насилно да протера повеќе од 250.000 Азербејџанци.
Невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (Human rights watch) документираше дека Советската војска со своите тенкови намерно ги прегазила и уништила невооружените, мирни цивили и ги напаѓала болниците и јасно означените возила на брза помош и медицински персонал, кој им помагал на повредените.
Следниот ден, на 21 јануари 1990 година, Хејдар Алијев, националниот лидер на Азербејџан, на конференцијата за претставниците на странските медиуми, организирана во Постојаната мисија на Азербејџан во Москва, ја осуди агресијата на советските власти на Азербејџан и народот на таа земја.
Црниот јануари стана пресвртна точка во историјата на современ Азербејџан. Советската инвазија не успеа да ја постигне својата цел.
Секој истрелан куршум го намачка со крв лицето на советскиот режим, поткопувајќи ги идеите за комунизмот и тоталитаризмот. Херојството на азербејџанскиот народ го направи неизбежен конечниот колапс на Советскиот Сојуз. На 18 октомври 1991 година Азербејџан ја врати својата независност.
Сторителите на трагедијата на 20 јануари поминаа неказнети. Додека советската и светската јавност најостро ги осуди казнените мерки против народот во Тбилиси во Грузија во 1989 година и во Вилнус, Литванија, во 1991 година, вистината за Црниот јануари, поради мерките преземени од советските власти, привлече помалку внимание од светската јавност.
Жртвите од Црниот јануари денес почиваат во Алејата на жртвите во главниот град на Азербејџан, Баку. Тие беа меѓу првите кои ги дадоа своите животи за слободата што ја ужива Азербејџан денес и овие херои Азербејџан никогаш нема да ги заборави.
Граѓаните на Азербејџан секоја година на 20 јануари ги посетуваат гробиштата за да искажат благодарност до оние кои ги дадоа своите животи за слободата и независноста на земјата.