Vesna Besiç
05 Февруари 2016•Ажурирај: 05 Февруари 2016
САРАЕВО (АА) - Хасан Банда го преживеа масакрот на сараевскиот пазар Маркале пред 22 години, кој се случи кога граната испалена од позициите на Војската на Република Српска во околината на Сараево експлодира на овој градски пазар, убивјќи 68 сараевчани и ранувајќи 144 од нив.
Сеќавањето и болните спомени ми навираат секој 5-ти февруари, кога со бројни граѓани на Сараево со цвеќе во рацете им оддаваме почит на сограѓаните кои на 5-ти февруари 1994 година, на пазарот Маркале го изгубија својот живот.
Екипата на Anadolu Agency (АА) разговараше со Хасан на местото на кое се наоѓал во моментот кога гранатата падна на пазарот. Ранет е во ногата и во главата. И денес во неговото тело се наоѓаат шрапнели кои лекарите не успеале да ги извадат по ранувањето.
- Во потрага по храна за децата -
„На случувањата од пред 22 години се сеќавам како да беа денес. Тој ден, половина час пред паѓањето на гранатата дојдов на пазарот. Пазарот беше преполн со луѓе. Поминував и бара нешто да им купам на децата. И одеднаш падна граната”, се присетува Банда.
Вели дека сè било „покосено”, масите расфрлани на сите страни. Се сеќава на граѓаните кои дошле напомош, некои ранетите ги носеле на раце, некои ги понудиле своите автомобили, помагал кој како можел.
„Додека ме носеа до автомобилот, видов дека насекаде има расфрлани човечки тела, се слушаа лелекања, довикувања за помош... Се гледаа парчиња од човечки тела...Сите кои се најдоа тука и кои можеа помагаа”, раскажа Банда.
Вели дека после три часа се разбудил во болница и дури тогаш сфатил дека е ранет во нозете и главата.
„И денес имам шрапнели во тие делови на телото. Во болница лежев повеќе од месец дена. Останаа последици...Ги носам и ден денес”, рече Банда гледајќи во спомен одбележјето со испишаните имиња од жртвите на масакрот на Маркале.
Овој сараевчанец, како и над стотината преживеани од експлозијата на граната на ова место, вели дека кога и да поминува покрај пазарот се сеќава на саботата, 5-ти февруари, воената 1994 година.
„Првите години по ранувањето беа тешки. Децата беа мали, јас ранет. Никој не работеше. Имав проблеми со помнењето во врска. Ги имам и ден денес. Овој пазар секогаш ќе буди тешко сеќавање. Веќе никому да не се случи ова. Ова не може никогаш да се заборави”, порача Хасан Банда.
- Живее од инвалидска пензија -
Банда кажа дека денот кога е ранет на Маркале за цел живот го обележал и него и неговото семејство.
Хасан Банда денес живее од инвалидска пензија која ја прима како цивилна жртва на војната, бидејќи поради повредите не е во состојба да работи.
Првиот од двата масакра на пазарот Маркале, во самиот центар на Сараево се случи на 5-ти февруари 1994 година околу пладне, кога минофрлачки проектил, испален од позициите на Војската на Република Српска падна на преполниот градски пазар.
Најпрометниот пазар во Сараево, Маркале, и во текот на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година беше едно од местата за снабдување на жителите на опколениот град. На тој пазар се одвиваше трговија со прехрамбени продукти и сето она што можело во тој период да им се понуди на граѓаните на Сараево, со цел да ги преживеат тешките воени денови.
По војната, 5-ти февруари е прогласен за Ден за сеќавање на сите загинати граѓани на Сараево во периодот од 1992-1995 година.