Ruslan Rehimov
25 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
БАКУ (АА) - Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, рече дека ќе се обноват сите градови ослободени од ерменска окупација и дека ќе се бара одговорност од Ерменија за уништувањето што го извршила во периодот на окупацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Алиев, обраќајќи се на нацијата по ослободувањето на Калбаџар, истакна дека историската азербејџанска територија Калбаџар е една од најголемите покраини во земјата.
Истакнувајќи дека црквите и џамиите во Калбаџар се историско богатство на Азербејџан, Алиев рече дека црквите се од периодот на државата Кавкаска Албанија и дека ерменските историчари измамници се обидуваат да ги прикажат овие храмови како нивни.
Алиев, обраќајќи се кон некои западни кругови кои изразија вознемиреност во врска со христијанските храмови во регионот, ги советуваше да ги разгледаат срушените џамии во регионите Агдам, Шуша, Зенгилан, Џебраил и Фузули.
„Овие џамии беа или уништени или користени како плевни за свињи. Зошто таа состојба не предизвика загриженост? Зошто ова прашање 30 години никој не го поставуваше освен ние? Ова прашање многу пати го донесов на дневен ред на меѓународните состаноци и во контактите со моите странски колеги. Зошто никој не се грижеше за тоа? Зошто никој не сакаше да испрати меѓународна делегација за ова прашање? Азербејџанскиот народ сака да се одговори на овие прашања. Одговорот го знаеме. Затоа тие што сакаат да нè обвинат мора прво да се погледнат во огледало“, нагласи Алиев.
Наведувајќи дека регионот Калбаџар има прекрасна природа и богато културно наследство, Алиев додаде дека Ерменците извршиле еколошки терор врз Азербејџан со промената на правецот на реките што минуваат низ него.
„Ерменија е терористичка држава и тој терор има многу знаци. Уништувањето на нашите историски споменици, геноцидот врз цивилното население, сечењето шуми, промената на протокот на нашите реки се некои од овие знаци“, додаде претседателот Алиев.
Изјавувајќи дека Калбаџар поседува големи шумски површини, Алиев рече:
„Непријателот ги исече овие шуми, ги ограби и ги продаде. Погледнете ги грдите работи што ги направија во последните денови. Ги гореа шумите за да создадат еколошка катастрофа. Ги сечат дрвјата и ги носат во Ерменија за да ги продаваат. Ги палат куќите кои не ги направија сами. Влегоа во домовите на жителите на Калбаџар и живееја таму. Ги запалија училиштата, ги усмртија животните кои не можеа да ги однесат. Погледнете и видете со какви дивјаци се соочувавме. Нашата победа не е само против Ерменија, туку го уништивме ерменскиот фашизам.“
Нагласувајќи дека тие ќе ги обноват сите региони ослободени од окупацијата, Алиев рече:
„Калбаџар ќе го обновиме повторно. Животот таму ќе се врати повторно. Во Калбаџар ќе се развие земјоделството, особено сточарството. Таму има големи пасишта. Калбаџар има богати природни ресурси. Непријателот безмилосно ги користеше тие ресурси. Минералната вода ‘Истису‘, популарна за време на Советскиот Сојуз, се произведуваше во Калбаџар. Сега ‘Истису‘ е повторно под наша контрола. Тоа порано беше голем центар за туризам. Непријателот уништил сè. Ние повторно ќе изградиме сè. Непријателот исто така спровел нелегално населување во Калбаџар. Луѓе од Ерменија и од странски земји нелегално се населиле таму. Тоа според Женевската конвенција е воено злосторство. Ние ќе бараме одговорност од непријателот за сите воени злосторства и уништувањето. Ќе ги оживееме ослободените градови и региони. Имаме големи планови за обнова на овие региони.“