Gamze Türkoğlu Oğuz
13 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Ако новиот тип коронавирус 2019-nCoV (сега со официјален назив COVID-19), кој се појави во Кина, е сличен на вирусите од истата фамилија, на површините на предметите би можел да опстане и подолго од една недела, покажува новата студија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Експертите ја пребараа литературата на човечки и животински вируси во рамките на оваа фамилија, во која, покрај новиот тип коронавирус, се наоѓаат и САРС и МЕРС, и анализираа 22 студии.
Во студијата се наведува дека истражувачите откриле дека човечките патогени можат да опстанат на површините и да останат заразни на собна температура до девет дена.
Вирусите од оваа фамилија на материјали како што се алуминиум, дрво, хартија, пластика и стакло, можат да преживеат помеѓу четири и пет дена, а некои коронавируси, со кои можат да се заразат само животни, можат да преживеат подолго од 28 дена.
Во студијата се потсетува дека вирусот на морбили на површините може да опстане до два часа.
„Ниската температура и високата влажност на воздухот може да го продолжат животот на вирусите“, истакна доктор Гунтер Кампф од Универзитетската болница „Греифсвалд“.
Деталите од истражувањето се објавени во списанието „Journal of Hospital Infection“.
Со цел спречување на коронавирусот, експертите советуваат темелна дезинфекција на површините во болниците со користење средства со натриум хипохлорит, водород пероксид или етанол.