Zehra Nur Düz
23 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Властите на кинескиот град Вухан денес го прекинаа јавниот транспорт во обид да го спречат ширењето на смртоносниот коронавирус што досега зеде 17 животи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во вонредното предупредување издадено од Министерството за транспорт, целиот јавен превоз, вклучувајќи го автобускиот и фериботскиот, е суспендиран како дел од одлуката.
Освен тоа, ќе биде сменета рутата на јавниот превоз што го користи градот како транзитна точка.
Жителите на Вухан, од каде што произлезе вирусот, се советуваат да не го напуштаат градот.
Властите потврдија дека од вирусот, чии симптоми наликуваат на пневмонија, досега во Кина се заразени вкупно 571 лице.
Вирусот се прошири и во поголемите градови, меѓу кои и главниот град Пекинг, потоа во Шангај, Чонгчјинг, Гуангџоу и Шенџен, покрај во другите помали градови.
Јапонија, Тајланд, Јужна Кореја и САД потврдија случаи на инфицирани од вирусот, додека Австралија испитува едно лице за тоа.
Северна Кореја привремено ги затвори своите граници со Кина, како мерка на претпазливост од вирусот.
Светската здравствена организација вчера ја одложи одлуката за прогласување на коронавирусот за глобална здравствена опасност, со образложение дека на лекарите им се потребни повеќе информации.