Haydar Hadi
13 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
БАГДАД (АА) - Премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади, повтори дека ја отфрла идејата за одржување референдум за независност на Регионалната курдска управа во северниот дел на Ирак, кој е планиран за 25 септември, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на Владата, Ал Абади на прес-конференција во Багдад истакна дека ирачките власти никако нема да дозволат поделба на земјата.
Тој го нагласи и значењето на дијалогот во решавањето на проблемот со Регионалната курдска управа во северниот дел на Ирак.
„Советот за министри повтори дека референдумот на Курдистан не е легален“, изјави Ал Абади.
Тој додаде дека во таа смисла, неприфатливи се какви било еднострани постапки.
„Неприфатливо е наметнувањето еднострани постапки. Референдумот е дури спротивен на постоечките закони на Регионалнта курдска управа на северниот дел на Ирак“, изјави Ал Абади.
Тој истакна дека курдскиот народ во Ирак во последните години остварил многу права.
„Курдскиот народ по 2003 година постигна многу работи што не можеле да ги остварат дотогаш. Тоа е всушност, нивно природно право“, изјави ирачкиот премиер.
Тој додаде дека со одржувањето на референдумот би останале без многу права што ги стекнале во претходниот период.
„Предупредувам на чекорите кои меѓу нас ќе предизвикаат нови конфузии и ќе им нанесат штета на сите. Го повикувам курдскиот народ да го бојкотира референдумот, бидејќи неговото одржување нема да биде во нивна корист“, изјави Ал Абади.
Од друга страна, ирачкиот Парламент со поголем број гласови го одби барањето на Регионалната курдска управа на северниот дел од Ирак за одржување на референдумот за независност на тој регион.
Претседателот на Регионалната курдска управа, Месут Барзани, на почетокот од јуни најави дека на 25 септември во тој регион ќе биде одржан референдум за независност, што предизвика продлабочување на веќе длабоката политичка криза во Ирак.